Туск: Германија треба да се срами за Северен тек, не да ги суди тие кои го оневозможија

Полскиот премиер порача дека Берлин требало да се срами од изградбата на рускиот гасовод, наместо да ги суди луѓето што го оневозможиле.

Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека Германија не треба кривично да ги гони осомничените за саботажата на гасоводот Северен тек. Неговата реакција следува по апсењето на украинскиот државјанин Володимир Ж. во хрватскиот град Пула, врз основа на европски налог за апсење издаден од германските правосудни органи. Туск порача дека земјата што се брани од агресија има морално право на вакви акции.

Осомничениот украински нуркач Володимир Ж. претходно беше приведен од полските власти во септември 2025 година. Сепак, судот во Варшава тогаш одби да го екстрадира во Германија и нареди негово ослободување.

Германското сојузно обвинителство го товари за предизвикување експлозија, неуставна саботажа и уништување витална инфраструктура. Германските истражители тврдат дека тој бил дел од тим обучени нуркачи што поставиле експлозив на цевките од гасоводот во близина на данскиот остров Борнхолм. Осомничениот ги отфрла обвинувањата и тврди дека за време на експлозиите во септември 2022 година се наоѓал во Украина.

Одговарајќи на новинарски прашања, Туск потсети дека Полска со години се спротивставуваше на проектот Северен тек 2 и предупредуваше на енергетската зависност на Европа од Москва.

„Германија тогаш имаше поинакво мислење. Се предомислија, но предоцна. Германија сигурно не треба кривично да ги гони оние кои, во ситуација кога нивната земја е нападната, преземаат вакви акции. Треба да се срамат оние што го изградија овој гасовод, а не оние што го оневозможија“, изјави Туск за полската телевизија ТВПо.

Експлозиите од септември 2022 година уништија три од вкупно четири цевки на Северен тек 1 и Северен тек 2 на дното на Балтичкото Море. Северен тек 1 со години служеше како главен коридор за рускиот гас кон Германија, додека вториот крак никогаш не проработи комерцијално.

Освен по Володимир Ж., Германија води постапка и против поранешниот украински воен офицер Серхиј К. Тој беше уапсен во Италија во август 2025 година, а неколку месеци подоцна екстрадиран во Германија под обвинение дека ја организирал диверзантската група. Властите во Киев официјално негираат каква било државна вмешаност во уништувањето на гасоводите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс