Турската национална авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“ започна со намалување на своите операции во повеќе градови низ регионот, како дел од поширока стратегија за прилагодување на мрежата на летови.
Според податоци од авиоиндустриски извори, компанијата суспендира вкупно 18 меѓународни линии и го намалува бројот на летови на бројни дестинации во Европа, Азија и Африка, во периодот од мај до јуни 2026 година.
Во регионот, намалувањата најмногу ќе се почувствуваат во Сараево, Загреб, Љубљана и Приштина, каде што ќе има помал број неделни летови во текот на летната сезона.
Конкретно, во Сараево бројот на летови ќе биде намален за неколку неделни ротации во периодот од јули до октомври, додека во Загреб ќе има редукција од еден до два лета неделно почнувајќи од јуни.
Во Љубљана и Приштина, намалувањата се помали и засега се однесуваат на одредени месеци, но сепак значат намалување на вкупниот број летови во однос на првичните планови и претходната година.
Од компанијата овие промени ги објаснуваат како дел од стратегија за оптимизација на капацитетите и подобрување на профитабилноста, во услови на променливи пазарни услови и глобални предизвици во авио-индустријата.
Покрај тоа, авио-секторот во последниот период се соочува со зголемени трошоци, вклучително и раст на цените на горивото и оперативни ограничувања, што дополнително влијае врз планирањето на летовите.
Иако станува збор за привремени намалувања, тие можат да имаат влијание врз достапноста на летови и цените на билетите во текот на туристичката сезона.