Туристите ја загрозија една од најубавите природни атракции на Сицилија: Денес ја чува полиција

По години затворање поради вандализам и прекумерен туризам, Скалата на Турците на Сицилија повторно прима посетители, но под строги мерки и полициски надзор.

Масовниот туризам остави сериозни последици врз една од најпознатите природни знаменитости на Сицилија – Скалата на Турците (Scala dei Turchi), која по неколкугодишно затворање повторно е отворена, но под строги правила.

Белите карпи на јужниот брег на Сицилија, кои се спуштаат кон тиркизното море во форма на природни скали, со години привлекуваат илјадници туристи. Овој уникатен пејзаж е создаден од седиментна карпа што илјадници години ја обликувале ветерот, дождот и морските бранови.

Сепак, прекумерниот број посетители, отпадот и вандализмот, вклучително и испишувањето графити по карпите, доведоа до затворање на локалитетот во 2020 година со цел да се спречи неговото понатамошно уништување.

По повторното отворање, пристапот до Скалата на Турците е строго контролиран. На влезот полицијата ги проверува билетите, а посетата е ограничена на 20 минути. Дополнително, воведени се правила на однесување за да се зачува оваа природна атракција и да се намали влијанието на масовниот туризам.

Името „Скала на Турците“ потекнува од периодот кога сараценските пирати ги напаѓале бреговите на Сицилија. Според локалната легенда, токму на овие природни скали тие полесно ги закотвувале своите бродови пред да тргнат во напади врз блиските населби.

е-Трн да боцка во твојот инбокс