Трамп: Можеби ќе ги преместам војниците од Германија во Полска

Полска е подготвена да прими дополнителни американски сили, додека најавеното повлекување од Германија отвори нови прашања за безбедноста на источниот фронт на НАТО.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е можно дел од американските војници стационирани во Германија да бидат преместени во Полска, во момент кога Пентагон веќе подготвува повлекување на околу 5.000 војници од германските бази. „Полска би го сакала тоа“, рече Трамп, додавајќи дека Вашингтон има „одлични односи“ со Варшава.

Изјавата доаѓа откако САД најавија намалување на военото присуство во Германија, потег што предизвика загриженост во НАТО и меѓу дел од американските законодавци. Според американските медиуми, повлекувањето би можело да се одвива во следните 6 до 12 месеци, а Трамп претходно предупреди дека бројот на војници може да биде намален и повеќе од првично најавените 5.000.

Полскиот претседател Карол Навроцки веќе порача дека Полска е подготвена да прими дополнителни американски сили и дека лично ќе лобира кај Трамп војниците што се повлекуваат од Германија да останат во Европа, но поблиску до источниот фронт на НАТО.

Полскиот премиер Доналд Туск, пак, предупреди дека Варшава не треба да „презема“ војници од сојузниците, додека полскиот министер за одбрана Владислав Косинијак-Камиш ја поздрави можноста за зголемено американско присуство, оценувајќи дека полско-американскиот сојуз е темел на безбедноста на земјата.

Можниот трансфер на американски сили од Германија во Полска би имал значајна политичка и воена тежина, бидејќи би го засилил источното крило на НАТО во период на зголемени тензии со Русија и војната во Украина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни