Три министерки му свртеа грб на Стармер: Лабуристите во хаос, се бара негова оставка

По катастрофалните резултати на локалните избори, британската влада влезе во сериозна политичка криза. Три министерки поднесоа оставки и јавно побараа премиерот Кир Стармер да го најави своето заминување.

Политичката криза во Велика Британија дополнително се продлабочи откако три министерки од владата на британскиот премиер Кир Стармер поднесоа оставки и побараа тој да објави временска рамка за своето повлекување. Прва оставка поднесе министерката за децентрализација, верски прашања и заедници, Мијата Фанбуле, која преку објава на социјалната мрежа Икс соопшти дека му испратила писмо со оставка на Стармер.

„Го повикувам да ја направи вистинската работа за нашата земја и за партијата и да одреди временска рамка за транзицијата“, напиша таа.

Набргу потоа оставка поднесе и министерката за заштита од насилство врз жените, Џес Филипс, која оцени дека актуелното раководство на Лабуристичка партија не покажува доволна решителност за промените што ги очекуваат граѓаните. Во писмото до Стармер, Филипс наведе дека тој е „добар човек кој се грижи за вистинските работи“, но додаде дека тоа „не е доволно“ и го опиша како „несоодветен за лидерство“.

„Желбата да се избегнат конфликти значи дека ретко влегуваме во вистински расправи, а токму затоа важните промени постојано се одложуваат“, порача Филипс.

Оставка поднесе и помладата министерка во Министерството за правда, Алекс Дејвис-Џонс, задолжена за жртви и борба против насилство врз жени и девојчиња. Таа како причина ги наведе „катастрофалните“ изборни резултати на лабуристите и потребата од „одлучни и радикални промени“.

„Земјата го кажа своето и резултатите мора да се почитуваат“, истакна Дејвис-Џонс, додавајќи дека со „тешко срце“ решила да се повлече од функцијата.

Според британскиот весник „Телеграф“, уште шест министри размислуваат за оставки. Меѓу нив се министерката за внатрешни работи Ивет Купер, министерот за одбрана Џон Хили, министерот за енергетика Ед Милибанд, министерката за култура Лиза Нанди и министерот за здравство Вес Стритинг. Дополнителен притисок врз Стармер создава и информацијата дека повеќе од 80 пратеници од Лабуристичка партија побарале негова оставка по лошите резултати на изборите во Англија, Шкотска и Велс. И покрај растечкиот бунт во сопствената партија, Стармер вчера изјави дека ја презема одговорноста за изборниот пораз, но нагласи дека нема намера да поднесе оставка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс