Навршуваат три години од една од најтешките трагедии во поновата историја на Србија – масовното убиство кај Младеновац во селата Мало Орашје и Дубона, каде Урош Блажиќ уби девет лица, а рани уште 12.
За ова злосторство, Блажиќ е правосилно осуден на 20 години затвор, што претставува максимална казна според законот, имајќи предвид дека во моментот на делото немал наполнето 21 година. Пресудата ја потврди Апелациониот суд во Белград.
Судот утврди дека и неговиот татко Радиша Блажиќ е одговорен за набавка на оружје и муниција употребени во нападот, па и тој е осуден на 20 години затвор.
Злосторството се случи на 4 мај 2023 година, кога напаѓачот отвори оган на неколку локации, по што побегна, киднапираше такси возило и беше уапсен во близина на Крагуевац.
Во Србија 3 и 4 мај се прогласени за Денови на сеќавање на жртвите од масовните убиства, а во Мало Орашје денес се одржуваат меморијални настани во чест на загинатите.