Тргнувате за Илинден? РСБСП со важно предупредување до сите возачи пред празничниот викенд

Поради очекуваните големи гужви за Илинден, РСБСП упати важен апел до возачите. Еве кои правила треба строго да ги почитувате за безбедно патување.

Во пресрет на продолжениот празничен викенд по повод 2 Август – Денот на Републиката – Илинден, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) ги повика сите учесници во сообраќајот да бидат особено внимателни и одговорни зад воланот.

Од Советот предупредуваат дека во наредните денови се очекува значително зголемен интензитет на сообраќајот, особено на патните правци кон туристичките дестинации како Охрид, Преспа, Дојран, Крушево и Пелинце, како и кон излетничките места и граничните премини.

„Во услови на зголемен сообраќаен метеж, внимателното и одговорно учество во сообраќајот е клучен предуслов за безбедноста на сите учесници“, порачуваат од РСБСП.

Оттаму апелираат до возачите:

  • да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи;
  • да возат во рамки на дозволената брзина и да ја приспособат на условите на патот и густината на сообраќајот;
  • да не управуваат возило под дејство на алкохол, психоактивни супстанции или во состојба на замор;
  • задолжително да користат сигурносен појас, а децата до петгодишна возраст да се превезуваат во соодветни детски седишта;
  • да не користат мобилен телефон или други електронски уреди додека возат;
  • пред поаѓање да ја проверат техничката исправност на возилото, а при подолги патувања да прават пауза на секои два часа.

Посебен апел е упатен и до велосипедистите, мотоциклистите, возачите на лесни електрични возила и пешаците, од кои се бара да се движат внимателно и да ги почитуваат сообраќајните правила.

„Секое одговорно однесување во сообраќајот претставува придонес за зачувување на човечките животи. Да не дозволиме еден момент на невнимание, брзо возење или неодговорна одлука да доведат до несакани последици“, порачуваат од РСБСП.

Од Советот на сите граѓани им го честитаа празникот 2 Август – Денот на Републиката – Илинден и им посакаа безбедно патување и среќно пристигнување до посакуваната дестинација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс