Се плаќа до 250 долари на час: би ја тренирале ли вештачката интелигенција што може да ве замени на работа?

Лекари, правници, автори и финансиски експерти заработуваат од тренирање ВИ модели. Сатниците за одредени специјалисти достигнуваат 250 долари, но нема гаранција за постојана работа.

До 250 долари на час се нудат за одредени специјалисти што помагаат во тренирањето вештачка интелигенција. Лекари, правници, автори и инженери веќе заработуваат проверувајќи ги и подобрувајќи ги одговорите на ВИ моделите. Со тоа се отвора и непријатно прашање: дали денешниот платен ангажман помага да се автоматизира дел од нивната утрешна работа?

Според сопствените податоци, платформата Mercor исплаќа околу четири милиони долари дневно на својата мрежа експерти ангажирани на проекти за вештачка интелигенција. Компанијата ги поврзува ВИ лабораториите со професионалци што проверуваат одговори, решаваат сложени задачи и покажуваат како се применува стручно знаење.

Околу таа потреба веќе се разви голем меѓународен бизнис. Човечкото искуство и професионалното расудување стануваат платен ресурс за компаниите што ги развиваат моделите.

Бизнис со милијардни приходи и инвестиции

Размерот на оваа дејност се гледа преку компаниите што обезбедуваат податоци и човечко оценување за ВИ.

Surge AI во 2024 година остварила над една милијарда долари приходи, според Reuters. Компанијата се фокусира на квалитетни податоци и квалификувани соработници што помагаат во подобрувањето на моделите.

Mercor во октомври 2025 година прибрала 350 милиони долари во инвестициска рунда со која била вреднувана на 10 милијарди долари. Инвестицијата на Meta во Scale AI во јуни истата година ја вреднуваше таа компанија на над 29 милијарди долари.

Овие бројки мерат различни работи. Приходите покажуваат колку компанијата остварила од услуги, инвестициите се капитал вложен во неа, а вреднувањето е процена на нејзината вредност. Нивното собирање не би покажало колку вкупно се троши за човечка работа во тренирањето ВИ.

Сепак, тие го покажуваат деловниот обем на индустријата во која професионалното знаење се претвора во материјал за развој на технологијата.

Колкави сатници се нудат за тренирање ВИ модели?

Јавните огласи покажуваат големи разлики меѓу професиите, платформите и земјите од кои се ангажираат соработници.

Outlier за експерти за пишување на англиски јазик во САД наведува сатници од 15 до 35 долари за основната проектна работа. Во оглас за правни експерти, опсегот е од 35 до 75 долари на час. Платформата нагласува дека стапката зависи од квалификациите, процената на вештините, локацијата и потребите на проектот.

На Mercor, меѓу јавно прикажаните можности има ангажмани за правници со сатници од 70 до 110 долари и за клинички професионалци од 120 до 150 долари. За финансиски експерти се наведува опсег од 60 до 180 долари, а за одредени истражувачки задачи во сајбербезбедноста од 200 до 250 долари на час.

Станува збор за огласени стапки за конкретни видови ангажмани, проверени на 15 октомври 2026 година. Тие не се просечни плати за цела професија, ниту понуди автоматски достапни за кандидати од секоја земја.

Што точно работат луѓето што ја тренираат вештачката интелигенција?

Професионалецот обично не го програмира моделот. Неговата задача е да го примени сопственото знаење врз одговорите и проблемите што ги добива.

Правен експерт, на пример, може да оценува дали генерираниот текст е фактички точен и релевантен, да составува прашања од правната практика или да рангира повеќе одговори според нивниот квалитет.

Пошироко, работата вклучува проверување одговори, создавање примери и оценување според зададени стандарди. Стручноста е потребна за да се утврди дали одговорот е навистина точен, дали образложението е издржано и дали предложеното решение би функционирало во професионална практика.

Во овој пазар се вклучени и новинари. Reuters Institute во јуни 2026 објави искуства на новинари што работеле на проверка на транскрипции, јазични корекции и оценување генерирана содржина. Дел од нив ја избрале работата како дополнителен извор на приходи додека продолжуваат со новинарството.

Високата сатница не гарантира полн работен ден

Сатница од 150 или 250 долари лесно привлекува внимание. Но не значи дека соработникот секој ден има осум платени часа.

Mercor наведува дека проектите обично траат од неколку недели до неколку месеци и дека може да бидат продолжени, скратени или завршени порано, зависно од потребите и резултатите. Outlier, пак, посочува дека за воведување во проектот и за одредени активности надвор од основната работа може да важат пониски стапки.

Затоа огласената сатница треба да се чита како цена на конкретна работа, со конкретни услови. Од неа не може директно да се пресмета сигурна дневна или месечна заработка.

Дали експертите ја обучуваат сопствената замена?

Платениот ангажман отвора и прашање што оди подалеку од заработката. Ако професионалците им покажуваат на моделите како да решаваат задачи од нивната област, тие истовремено помагаат технологијата да преземе дел од тие задачи, ако не и целосно да го преземе нивното работно место.

Тоа не значи дека секој подобрен модел ќе замени цела професија. Работните места опфаќаат повеќе од составување одговор: одговорност, комуникација, одлучување во неизвесни ситуации и примена на знаењето во конкретни околности.


Но дилемата останува. За некого, тренирањето ВИ е дополнителна заработка. За компаниите што ги развиваат моделите, тоа е начин да изградат системи способни за посложена работа. Колку од таа работа подоцна ќе остане кај луѓето ќе зависи и од способностите на технологијата и од одлуките на работодавачите. Историјата и искуството покажува дека меѓу профитот и работните места за луѓето, профитот секогаш е повисоко на скалата од човечкиот труд и благосостојба.

е-Трн да боцка во твојот инбокс