Од „ќе се откажам од сè“ – до „ќе правиме изложба“: „Келнер, дај полнач“ во МКЦ

Мултимедијалниот проект на Матеа Јанковска спојува јапонска поетска форма и визуелна уметност во приказна за личните прекршувања и чистењето

Изложбата и мултимедијалниот проект „Келнер, дај полнач“ на актерката Матеа Јанковска ќе се отвори на 21 октомври во 19:00 часот во Младинскиот културен центар во Скопје. Настанот носи спој на кратка танка-поезија и визуелни дела изработени во соработка со илустраторките Бранкица Јордановска, Дина Ристовска и Воскресија Андреевска. Влезот за сите посетители во МКЦ е слободен.

Проектот се фокусира на преминот меѓу емотивната презаситеност и целосното празнење. Јанковска, која во оваа поставка дебитира со поетски ракопис, ја користи традиционалната јапонска форма танка за да го врами патот од страста и потребата да се доживее секој импулс, сè до мигот кога внатрешниот капацитет целосно ќе сопре.

Визуелниот одговор на овие куси поетски записи доаѓа преку цртежите на Бранкица Јордановска, Дина Ристовска и Воскресија Андреевска. Трите авторки низ различни ликовни ракописи го материјализираат судирот меѓу копнежот, исцрпеноста и потребата од застанување.

„Преку кратки танка-песни и илустрации, проектот го следи патот од 99% до 1% — од страста, љубовта и желбата да почувствуваме сè, до моментот кога душата ќе побара полнач. За лошите одлуки што станале добри приказни, за пороците што ги мешаме со задоволство и за сите моменти кога сме биле на работ да кренеме раце од сè. А можеби токму празнењето е чистењето што ни требало“ велат организаторките.


Отворањето е закажано за понеделник, 21 октомври, со почеток во 19:00 часот во МКЦ Скопје.

е-Трн да боцка во твојот инбокс