Преспа денес испиша ново поглавје во развојот на спортскиот и активниот туризам со првото издание на „Prespa Run & Fun“, настан што обедини повеќе од 750 учесници од Македонија и регионот на патеките од 5 и 10 километри.
Трката се одржа на живописната рута од Претор до Крани, помеѓу Преспанското Езеро и планината Баба, нудејќи им на учесниците можност да трчаат низ еден од најубавите природни предели во земјата. Во атмосфера исполнета со спортски дух, позитивна енергија и ентузијазам, рекреативци, професионални тркачи и љубители на активниот живот ја споделија истата цел, да ја доживеат Преспа на поинаков начин.

Организаторите истакнуваат дека „Prespa Run & Fun“ не е само спортски настан, туку и нова спортско-туристичка приказна за регионот. Покрај натпреварувачкиот дел, посетителите имаа можност да уживаат во музичка програма, локална гастрономија, активности на отворено, како и содржини наменети за релаксација и дружење покрај езерото.
Настанот уште еднаш покажа дека спортот може да биде моќен двигател за поврзување на луѓето, но и важна алатка за промоција на локалните потенцијали. Преку вакви иницијативи, Преспа се позиционира како дестинација што нуди многу повеќе од традиционалниот туризам, место каде природата, рекреацијата и автентичните искуства се спојуваат во едно.

Зад организацијата стои здружението „Преспа Хаб“, чија визија е преку спортски и културни настани да придонесе за одржлив развој на регионот и да привлече нова публика, особено млади луѓе.
„Prespa Run & Fun“ беше реализиран во рамки на проектот „ЕУ за Преспа“ и програмата за одржлив туризам, финансирана од Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, а спроведена од УНДП во партнерство со локални и национални институции.



Со успешното прво издание и големиот интерес кај учесниците, „Prespa Run & Fun“ веќе најавува дека има потенцијал да прерасне во нова традиција која ќе ја става Преспа на мапата на најатрактивните спортско-туристички настани во регионот.
Фото УНДП МК/Томислав Георгиев