Трамп воведува нови санкции: САД удираат по мрежата за извоз на иранска нафта кон Кина

САД воведоа нови санкции против компании и поединци поврзани со извоз на иранска нафта кон Кина, додека Вашингтон се обидува дополнително да го засили притисокот врз Техеран и Иранската револуционерна гарда.

Американската администрација воведе нов пакет санкции против три лица и девет компании поради помагање на Иран во извозот на нафта кон Кина. Санкциите се насочени кон компании со седишта во Хонг Конг и Обединетите Арапски Емирати, а мерките ги објави американското Министерство за финансии.

Овој потег доаѓа само неколку дена пред најавената средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот лидер Си Џинпинг, на која се очекува Вашингтон да побара поддршка од Пекинг за решавање на кризата со Иран и повторно отворање на Ормускиот Теснец.

Вашингтон: Продолжуваме да го отсекуваме иранскиот режим

Американското Министерство за финансии соопшти дека санкциите на Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) се насочени против лица и компании кои ѝ помагале на Иранската револуционерна гарда (IRGC) во продажба и транспорт на иранска нафта кон Кина преку мрежа на параван-компании.

Американскиот министер за финансии Скот Бесент изјави дека администрацијата на Трамп ќе продолжи да користи санкции за да го спречи финансирањето на иранската војска, нуклеарната програма и сојузниците на Техеран во регионот.

„Министерството за финансии ќе продолжи да го отсекува иранскиот режим од финансиските мрежи што ги користи за терористички активности и дестабилизација на глобалната економија“, изјави Бесент.

Во исто време, американскиот Стејт департмент понуди награда до 15 милиони долари за информации што би помогнале во нарушување на финансиските механизми на Иранската револуционерна гарда.

Компании од Хонг Конг, Дубаи и Оман под удар

Според американските власти, Иранската револуционерна гарда користела параван-компании за организирање и наплата на испораките на нафта. Меѓу санкционираните се компаниите „Hong Kong Blue Ocean Ltd“ и „Hong Kong Sanmu Ltd“ од Хонг Конг, кои Вашингтон ги опишува како дел од мрежата за продажба и транспорт на иранска нафта.

На листата се и „Ocean Allianz Shipping LLC“ од Дубаи и „Atic Energy FZE“ од Шарџа, кои во текот на 2025 година овозможувале транспорт на иранска нафта преку танкери од таканаречената „сенка флота“. Санкционирана е и компанијата „Zeus Logistics Group“ од Оман, како и „Jiandi HK Ltd“, која наводно потпишала договор со Иранската револуционерна гарда за купување иранска нафта вреден десетици милиони долари.

Новите санкции доаѓаат по мерките воведени минатата недела против лица и компании поврзани со иранската набавка на оружје, дронови и компоненти за балистички ракети. Вашингтон смета дека преку овие мерки дополнително ќе се зголеми економскиот притисок врз Техеран, во период кога Блискиот Исток се соочува со сериозна безбедносна и енергетска криза.

е-Трн да боцка во твојот инбокс