Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ја откажал планираната воена акција против Иран, но порача дека тоа зависи од исполнување на еден клучен услов – брзо постигнување договор со Техеран. Во објава на својата платформа „Трут соушал“, Трамп наведе дека Иран и други земји од Блискиот Исток побарале од САД да се воздржат од нападите бидејќи биле договорени основните параметри на можен договор.
Според него, евентуалната спогодба би требало да вклучува повторно отворање на Ормускиот Теснец и отстранување на, како што наведе, иранската нуклеарна закана. Трамп истовремено нагласи дека САД остануваат подготвени за воена акција.
„Бевме подготвени и целосно вооружени да дејствуваме против Иран со воена сила каква што не е видена од Втората светска војна“, напиша американскиот претседател.
Тој додаде дека одлуката да не се продолжи со нападите е „во интерес на иднината на светот и на просперитетен Иран“. Од Техеран засега нема официјален одговор на изјавите на Трамп.
Неговите коментари следуваат по медиумските извештаи дека САД и Израел разгледувале нова, интензивна воена кампања насочена кон иранската енергетска инфраструктура. Според американските медиуми, планот бил тема на состанок на кабинетот на Трамп.
Во меѓувреме, тензиите меѓу Вашингтон и Техеран продолжуваат да растат. Иран претходно предупреди дека секоја земја што ќе соработува со САД би можела да биде „зафатена од пламенот на војната“, додека американските власти ги повикаа своите државјани во регионот да бидат подготвени за евентуална ескалација.