САД ѝ се заканува на Кина со нови санкции поради одбивањето да прими депортирани државјани

САД тврдат дека Кина ја намалила соработката за враќање на свои државјани без документи, додека прашањето се очекува да биде отворено на средбата Трамп-Си во Пекинг.

Кина го забавува враќањето на своите државјани кои незаконски престојуваат во Соединетите Американски Држави, поради што Вашингтон е подготвен да ги заостри патните ограничувања кон Пекинг доколку не го промени пристапот, изјавил за „Ројтерс“ висок претставник на администрацијата на Доналд Трамп. Новата закана доаѓа само неколку дена пред планираната посета на Трамп на Пекинг, каде што се очекува ова прашање да биде отворено во разговорите со кинескиот претседател Си Џинпинг.

Посетата на Трамп, закажана за 14 и 15 мај, има големо значење за американскиот претседател, кој се надева дека ќе обезбеди трговски отстапки што би можел да им ги претстави на гласачите пред изборите во ноември.

Откако на почетокот на минатата година се врати во Белата куќа, Трамп им се закануваше со царини и санкции на повеќе земји кои не се согласуваат да ги примат своите депортирани државјани, што беше еден од темелите на неговата кампања и строгата имиграциска политика.

Кина со години се спротивставува на американските барања да прими назад десетици илјади свои државјани кои го пречекориле дозволениот престој или незаконски влегле во САД. Откако Трамп ја презеде функцијата, Пекинг сигнализираше подготвеност да прими „потврдени кинески државјани“ по проверка на идентитетот, но нагласи дека за тоа е потребно време.

Откако на почетокот на 2025 година прифатила околу 3.000 депортирани лица преку чартер и комерцијални летови, Кина во последните шест месеци ја намалила соработката, изјавил висок американски претставник кој сакал да остане анонимен за да може отворено да зборува за плановите на администрацијата.

Според истиот претставник, Кина „одбива целосно да соработува со Соединетите Американски Држави во прифаќањето на сопствените државјани“, што Вашингтон го оценува како кршење на меѓународните обврски на Кина и на нејзината одговорност кон сопствениот народ.

Доколку Кина не ја подобри соработката, САД ќе разгледаат зголемување на паричните гаранции за визи, како и одбивање на поголем број визи и блокирање влезови на границата. „Поради недејствувањето на кинеската влада, може да бидат загрозени идните патувања на кинеските државјани кои ги почитуваат законите“, порачал американскиот претставник.

Кинеската амбасада во Вашингтон не одговорила веднаш на барањето за коментар. Пекинг претходно изјавуваше дека се противи на незаконската миграција, нарекувајќи ја „меѓународно прашање кое бара соработка меѓу државите“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни