Трамп: САД извлекуваат милиони барели нафта од Венецуела

Белата куќа потврди договор за контрола на 65 милијарди барели нафта преку приватна американска енергетска компанија.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Соединетите Американски Држави преземаат милиони барели нафта од Венецуела, оценувајќи ги односите меѓу Вашингтон и Каракас како одлични. За време на посетата на Северна Каролина, Трамп порача дека американски нафтени компании веќе влегуваат во латиноамериканската држава, откако неговата администрација претходно објави договор со кој се обезбедува контрола врз повеќе од 65 милијарди барели докажани нафтени резерви на 17 нафтени полиња.

За време на обраќањето во Северна Каролина, Трамп отворено го опиша преземањето на енергетските ресурси како директен геополитички плен.

„Извлекуваме милиони и милиони барели нафта. Кога велат дека на победникот му припаѓа пленот, ова е еден од најголемите такви примери што некој некогаш ги видел во историјата“, рече Трамп.

Тој нагласи дека Вашингтон тесно соработува со властите во Венецуела, додека американските енергетски компании веќе влегуваат на терен. Трамп не прецизираше со каква точна динамика и во кои временски рамки ќе се одвива транспортот на суровината, но потврди дека процесот е во тек.

Изјавите на Трамп доаѓаат по официјалното соопштение од Белата куќа за постигнат широк енергетски договор. Со документот на САД им се гарантира мнозинска контрола врз над 65 милијарди барели докажани резерви, како и директен пристап до експлоатација на 17 нафтени полиња ширум Венецуела.

Според Вашингтон, во договорот не е директно вклучена привремената влада на Венецуела, туку приватната нафтена корпорација „Норт американ блу енерџи партнерс“ (North American Blue Energy Partners). Американската администрација потврди дека новите количества сурова нафта ќе се транспортираат и преработуваат директно во рафинериите во САД, при што се планира раст на производството како што приватните компании ќе ги прошируваат своите активности на венецуелска територија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс