Трамп притиска, Иран бара гаранции: Пакистан го пренесе новиот мировен предлог до САД

Пакистан им доставил на САД ревидиран ирански предлог за прекин на конфликтот на Блискиот Исток. Преговорите остануваат кревки, а спорни точки се нуклеарната програма, Ормутскиот теснец и воените гаранции.

Нова дипломатска иницијатива за прекин на конфликтот на Блискиот Исток е во тек, откако Пакистан им доставил на САД ревидиран предлог од Иран за можен договор и намалување на тензиите. Според информации на „Ројтерс“, посредничките разговори продолжуваат, но времето за компромис брзо истекува.

Иранското Министерство за надворешни работи потврди дека ставовите на Техеран биле пренесени до американската страна преку Пакистан, без да се откриваат детали од документот. Во моментов е во сила кревко примирје по повеќенеделниот конфликт меѓу Иран, Израел и САД, но дипломатските преговори остануваат блокирани поради длабоки несогласувања околу нуклеарната програма, санкциите и безбедносните гаранции.

Американскиот претседател Доналд Трамп викендов испрати ново предупредување до Техеран, порачувајќи дека „часовникот отчукува“ и дека Иран мора брзо да реагира ако сака договор.

Што бараат САД, а што Иран?

Вашингтон бара Иран целосно да ја демонтира својата нуклеарна програма и да ја прекине блокадата на Ормутскиот теснец — клучна глобална рута низ која поминува значителен дел од светската нафта и течен природен гас.

Од друга страна, Техеран бара надомест за штетите од воените напади, прекин на американските ограничувања врз иранските пристаништа, гаранции дека нема да следуваат нови напади, како и запирање на конфликтите во регионот, вклучително и во Либан. Иран повторно негира дека развива нуклеарно оружје и тврди дека неговата програма има цивилни цели.

Ормутскиот теснец останува глобален ризик

Една од најчувствителните точки во преговорите останува Ормутскиот теснец. Секое нарушување во овој регион веднаш влијае врз светските цени на нафтата, транспортот и енергетските пазари. Поради неизвесноста, цените на енергенсите и понатаму остануваат под силен притисок, а аналитичарите предупредуваат дека евентуална нова ескалација би можела дополнително да ја забави светската економија.

Според американски медиуми, Трамп деновиве ќе одржи состанок со врвните советници за национална безбедност, каде ќе се разгледуваат можните следни чекори доколку дипломатските разговори пропаднат. Иако посредниците се обидуваат да избегнат нова ескалација, пораките од двете страни покажуваат дека компромисот сè уште е далеку.

е-Трн да боцка во твојот инбокс