Американскиот претседател Доналд Трамп подготвува пакет вреден речиси 700 милиони долари за поддршка на индустријата за јаглен, користејќи ги овластувањата од Законот за производство во одбранбената индустрија, соопшти претставник на Белата куќа.
Според информациите, Трамп би можел уште денеска да ги објави мерките, кои предвидуваат модернизација на повеќе од десет термоелектрани на јаглен, изградба на голем извозен терминал на западниот брег на САД и финансиска поддршка за нови енергетски капацитети преку комбинирање на државни и корпоративни средства.
Изворот, кој зборувал под услов на анонимност, нагласил дека дел од деталите сè уште може да претрпат измени пред официјалното претставување на планот. Според податоците на американската Администрација за енергетски информации, уделот на јагленот во производството на електрична енергија во САД во последните години значително се намалил, од повеќе од половина од вкупното производство на помалку од една петтина. Причина за тоа е постепеното префрлање на енергетскиот сектор кон природен гас и обновливи извори на енергија.
Од вкупно предвидените 700 милиони долари, повеќе од половината средства ќе бидат насочени кон модернизација на 13 електрани на јаглен ширум земјата. Дополнителни 185 милиони долари се планирани за енергетски проекти во Алјаска, Мериленд и Западна Вирџинија, додека 75 милиони долари би биле издвоени за поддршка на извозниот терминал „Вест Гејтвеј“ во Северна Калифорнија.
Планот претставува нов обид на администрацијата на Трамп да го зајакне секторот за јаглен, кој со години бележи пад поради еколошките политики, растот на обновливите извори и пониските трошоци за производство на електрична енергија од природен гас. Информациите за програмата првично ги објави агенцијата „Блумберг“, а потоа беа потврдени и од претставници на Белата куќа.