Трамп: Од Иран добив гаранции дека нема да развива ниту да купува нуклеарно оружје

Американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека Иран се согласил да не развива и да не купува нуклеарно оружје. Нуклеарната програма останува клучна тема во преговорите меѓу Вашингтон и Техеран.
Photo: Shealah Craighead / White House

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран дал гаранции оти нема да развива ниту да набавува нуклеарно оружје, што претставува едно од најспорните прашања во тековните преговори меѓу Вашингтон и Техеран за ставање крај на воениот конфликт.

Иако во последните денови се појавија сигнали дека двете страни се приближуваат до договор, американските медиуми објавија дека Трамп испратил нова верзија на предлог-договорот до иранските власти, со дополнителни измени и поцврсти услови. Според информациите на американски медиуми, претседателот бара построг пристап кон неколку прашања што ги смета за клучни, меѓу кои е и иднината на иранскиот нуклеарен материјал.

Во интервју емитувано на телевизијата Fox News, Трамп рече дека добил уверувања од Техеран дека земјата нема да дојде до нуклеарно оружје ниту преку сопствен развој, ниту преку купување.

„Единствената гаранција што ми е потребна е да нема нуклеарно оружје. Тие се согласија со тоа. На почетокот рекоа дека нема да развиваат нуклеарно оружје. Потоа прашав што ако решат да го купат. Сега велат дека нема ниту да развиваат, ниту да купуваат оружје на кој било начин“, изјави Трамп.

Тој додаде дека САД постепено го добиваат она што го бараат во преговорите, но предупреди дека ситуацијата би можела да се развива поинаку доколку не се постигне посакуваниот исход.

Вашингтон предупредува на можност од воен судир

Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека САД се „повеќе од подготвени“ за воен конфликт со Иран доколку преговорите пропаднат. Нуклеарната програма останува едно од главните спорни прашања меѓу двете земји. САД и Израел го обвинуваат Техеран дека се обидува да дојде до нуклеарно оружје, додека иранските власти категорично ги отфрлаат таквите обвинувања.

Во меѓувреме, тензиите продолжуваат и околу Ормутскиот Теснец, еден од најважните светски поморски коридори за транспорт на нафта и гас. Според извештаите, Иран значително го ограничил сообраќајот низ теснецот од почетокот на конфликтот, додека САД воведоа блокада на иранските пристаништа.

Американската Централна команда (CENTCOM) соопшти дека пресретнала товарен брод под знамето на Гамбија кој се обидувал да стигне до иранско пристаниште. Од друга страна, иранските медиуми тврдат дека американските сили продолжуваат да го попречуваат движењето на иранските трговски бродови.

Дополнително, Исламската револуционерна гарда (IRGC) соопшти дека соборила американски дрон MQ-1, за кој тврди дека се подготвувал да навлезе во иранските територијални води. Меѓу барањата на Техеран во преговорите е и ослободување на милијарди долари ирански средства замрзнати од САД. Според иранските државни медиуми, нацрт-меморандумот што моментално се разгледува предвидува деблокирање на околу 12 милијарди долари во рок од 60 дена.

Иран, исто така, бара прекин на борбите во Либан, каде што неговиот сојузник Хезболах и Израел продолжуваат со меѓусебни напади и покрај договореното примирје.

е-Трн да боцка во твојот инбокс