Најавуваната „конечна одлука“ за договор меѓу САД и Иран не се случи. Состанокот во Белата куќа завршил без пробив, а Вашингтон и Техеран и натаму испраќаат различни пораки за тоа колку навистина се блиску до договор.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно најави дека ќе донесе финална одлука за можен договор со Иран, но по двочасовниот состанок со националниот безбедносен тим во Белата куќа не беше објавена никаква одлука.
Средбата се одржала во Ситуациската соба, каде американскиот претседател разговара со претставници на безбедносните, воените и разузнавачките служби. Според американски медиуми, Трамп го напуштил состанокот по околу два часа, без да даде зелено светло за договорот.
Белата куќа: Само договор што ги исполнува црвените линии
Од Белата куќа по состанокот порачаа дека Трамп ќе прифати само договор што е „добар за Америка“ и кој ги исполнува неговите црвени линии. Една од клучните точки останува барањето Иран никогаш да не дојде до нуклеарно оружје.
Преговорите, според досегашните информации, се водат околу можен договор за продолжување на прекинот на огнот и намалување на тензиите, но клучните прашања околу иранската нуклеарна програма и безбедноста во Ормутскиот Теснец остануваат отворени.
Иако во изминатите денови од Вашингтон доаѓаа пораки дека договорот е блиску, конечна потврда нема ниту од американска, ниту од иранска страна.
Техеран му противречи на Трамп
Иранските власти тврдат дека конечен договор сè уште не е постигнат. Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Исмаил Багаи, изјави дека размената на пораки меѓу двете страни продолжува, но дека разбирање не е финализирано.
Од Техеран стигнаа и обвинувања дека Трамп ги претставува преговорите како поголем успех отколку што навистина се. Ирански извори блиски до Револуционерната гарда тврдат дека американскиот претседател се обидува да прикаже привиден дипломатски пробив.
Тонот од иранска страна останува тврд. Претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Багер Галибаф, порача дека Иран не им верува на гаранции и зборови, туку само на дела. Според него, вистинската мерка за секој договор е што ќе се случи следниот ден, а не како ќе биде претставен пред јавноста.
Преговорите продолжуваат, но недовербата останува
САД и Иран веќе неколку дена интензивно разменуваат пораки за можен договор. Но, и покрај сигналите дека има напредок, политичката недоверба меѓу двете страни останува главната пречка.
За Вашингтон, клучно е Иран да не поседува нуклеарно оружје и да се обезбеди слободна пловидба низ Ормутскиот Теснец. За Техеран, пак, клучни се конкретни потези од САД, а не само политички изјави и услови.
Засега, договорот останува на маса, но не и потпишан. Трамп најави одлука, Иран ја негира финализацијата, а регионот и натаму чека дали дипломатијата ќе го запре конфликтот или само ќе купи уште малку време.