Трамп бара истрага против сопственото министерство, давале лажни бројки за економијата

Американскиот претседател тврди дека Министерството за трговија намерно објавило понизок раст на БДП пред ноемвриското гласање за Конгресот, кое заврши со пораз за републиканците.

Американскиот претседател Доналд Трамп побара итна истрага против сопственото Министерство за трговија, обвинувајќи го дека намерно објавило лажни податоци за економскиот раст пред конгресните избори на 3 ноември. Реакцијата од Вест Палм Бич доаѓа откако надлежното биро ја ревидираше проценката за бруто-домашниот производ (БДП) за третиот квартал од 3,4 на 4,3 проценти, бројка што Трамп директно ја поврза со изборниот неуспех на републиканците.

Претседателот Доналд Трамп на социјалните мрежи објави дека станува збор за намерна и масовна грешка од страна на државната агенција задолжена за економските пресметки. Без да приложи докази, тој го поврза објавувањето на пониската првична бројка со слабиот резултат на Републиканската партија на среднорочните избори, на кои демократите ја освоија контролата врз двата дома на американскиот Конгрес.

„Тукушто се откри дека вистинските бројки за економијата, објавени пред изборите, биле лажни, а вчера луѓето во владината агенција што ги прави овие пресметки објавија корекција. Зошто точната бројка не беше објавена пред изборите? Барам итна истрага за оваа ситуација“, напиша Трамп.

Министерството за трговија не одговори веднаш на барањето за коментар, бидејќи федералните институции во четврток беа претежно затворени поради празникот Денот на благодарноста.

Бирото за економски анализи при Министерството за трговија во среда објави ревидирани податоци според кои американскиот БДП во третиот квартал пораснал со годишна стапка од 4,3 проценти, наспроти претходната проценка од 3,4 проценти.

Статистичките служби редовно ги ажурираат економските показатели, вклучувајќи ги извештаите за БДП и месечните податоци за вработеноста, со цел да ја зголемат нивната прецизност по пристигнувањето на дополнителни влезни информации. Овие корекции се објавуваат според однапред утврден распоред, без оглед на политичкиот или изборниот календар.

Ова не е првпат Трамп да го доведува во прашање интегритетот на официјалните економски податоци што не се совпаѓаат со неговите тврдења за силен економски подем. Во август 2025 година, тој го разреши директорот на Бирото за статистика на трудот по објавувањето на слаб извештај за пазарот на труд.

Тој извештај покажа дека во јули 2025 година биле отворени само 73.000 работни места, а ревизијата за мај и јуни покажа 258.000 помалку вработувања од првично пријавеното. Трамп тогаш тие бројки ги нарече наместени.

Иако Трамп инсистира дека неговите политики носат силен раст, анкетата на Асошиејтед прес меѓу гласачите на конгресните избори покажа дека 76 проценти од испитаниците ги оцениле економските услови како лоши или не баш добри. Околу две третини од гласачите навеле дека токму политиките на претседателот ја поттикнале инфлацијата.


Во својата објава со критики до Министерството за трговија, Трамп не го спомена податокот од истиот извештај на агенцијата од среда, кој покажа дека индексот на цените за лична потрошувачка – клучен показател за инфлацијата – забрзал на годишно ниво од 3,8 проценти во октомври.

е-Трн да боцка во твојот инбокс