Трамп брои ситно: „Ако нема одговор од Иран, сè може брзо да ескалира“

Американскиот претседател вели дека е подготвен да почека уште неколку дена за одговор од Техеран, но предупредува дека САД се подготвени за нова ескалација ако преговорите пропаднат.

Доналд Трамп повторно ја стегна реториката кон Иран. Американскиот претседател изјави дека е подготвен да почека „неколку дена“ за одговорот на Техеран на најновиот американски предлог, но предупреди дека ситуацијата може брзо да ескалира ако Вашингтон не добие „вистински одговори“.

„Ако не ги добиеме вистинските одговори, сè оди многу брзо. Сите сме подготвени“, изјави Трамп пред новинарите, оценувајќи дека разговорите со Иран се „на граница“ меѓу договор и ново продолжување на воените удари. Тој додаде дека договор може да се случи „многу брзо“ или во рок од неколку дена, но само ако Техеран прифати услови што Вашингтон ги смета за целосно прифатливи.

Изјавите доаѓаат во момент кога Иран го разгледува најновиот американски одговор, а Пакистан се обидува да ја одржи дипломатската линија меѓу Вашингтон и Техеран. Според Reuters, Пакистан ги засилува посредничките напори, додека разговорите се одвиваат во сенка на кревко примирје што трае шест недели, но без јасен напредок кон траен договор.

Трамп претходно порача дека САД се подготвени повторно да изведат напади врз Иран ако дипломатскиот процес пропадне. Неговата администрација инсистира дека нема да дозволи Иран да развие нуклеарно оружје, додека Техеран бара олеснување на санкциите и крај на американските ограничувања врз иранските бродови и средства.

Паралелно, цените на нафтата остануваат чувствителни на секоја порака од Вашингтон и Техеран. Brent нафтата повторно порасна поради неизвесноста околу преговорите и ризиците за снабдувањето, особено преку Ормутскиот Теснец, кој останува една од најкритичните точки за глобалната енергетска трговија.

Засега дипломатијата не е мртва, но е на тенок конец. Трамп зборува за можен договор, Иран го разгледува предлогот, а регионот останува во состојба во која една погрешна порака може повторно да ја запали воената спирала.

е-Трн да боцка во твојот инбокс