Државната вечера во Белата куќа за кинескиот претседател Си Џинпинг доби неочекуван пресврт кога Доналд Трамп ги покани гостите да го напуштат протоколот и да го разгледаат градилиштето на новата сала во источниот дел на комплексот.
Трамп, кој во јавноста често зборува за проектот, пред гостите изјави дека сака лично да им ја покаже новата „Златна сала“, која треба да има околу 650 места – повеќе од трипати над капацитетот на сегашната Источна соба.
„Сакам да ги поканам сите присутни да поминат низ завесата зад нас“, им порача Трамп на гостите, додавајќи дека до завршувањето на проектот останува уште околу една година.
Проектот поскап од првичната проценка
Трамп претходно изјавуваше дека изградбата ќе чини околу 400 милиони долари, средства што, според него, ќе ги обезбеди тој со донатори.
Но, изведувачот на работите ја известил администрацијата дека проценетата вредност е околу 600 милиони долари. Според претходни информации на Washington Post, најмалку половина од оваа сума би можела да биде покриена од американските даночни обврзници.
Проектот веќе предизвика и правен спор. Администрацијата на Трамп беше тужена поради одлуката да се урне источниот дел од Белата куќа за да се изгради новата сала без претходно одобрение од Конгресот. Врховниот суд засега дозволи работите да продолжат.
Необичната покана отвори и безбедносни прашања
Најголемо внимание привлече фактот што Трамп сакаше кинеското раководство да го однесе на градилиштето.
Администрацијата претходно тврдеше дека проектот има и безбедносна компонента. Под источниот дел на Белата куќа се наоѓа бункер изграден во 1942 година, а во судските документи било наведено дека за време на градежните работи се предвидуваат и дополнителни заштитени простории, како и воени и медицински капацитети.
Токму затоа поканата за кинеската делегација предизвика реакции на социјалните мрежи. Дел од коментаторите ја доведоа во прашање одлуката американскиот претседател да овозможи увид во објект со безбедносна функција на претставници на земја која Вашингтон ја смета за стратешки ривал.
Вечера со пораки за односите САД–Кина
На државната вечера присуствуваа високи американски и кинески претставници, како и дел од највлијателните луѓе од американскиот технолошки сектор.
Меѓу гостите беа потпретседателот Џеј-Ди Венс, државниот секретар Марко Рубио, како и Илон Маск, Сем Алтман и Марк Закерберг. Нивното присуство доаѓа во период на засилена конкуренција меѓу САД и Кина во развојот на вештачката интелигенција.
Си Џинпинг, обраќајќи им се на домаќините, им се заблагодари на Трамп и првата дама Меланија за гостопримството и порача дека кинеската делегација се чувствувала „како дома“.
Вечерата, со внимателно избрани детали инспирирани од кинеската кујна, така доби и дипломатска и симболична димензија – додека зад протоколот продолжува сложеното ривалство меѓу двете најголеми светски економии.