Поранешниот претседател на Хондурас, Хуан Орландо Ернандес, најави дека во недела ќе се врати во татковината, откако американскиот претседател Доналд Трамп го помилува и го ослободи од 45-годишната затворска казна изречена во САД за трговија со кокаин.
Во интервју за „Ројтерс“, Ернандес изјави дека веднаш по враќањето ќе побара да бидат отфрлени и обвиненијата што против него се водат во Хондурас. „Случајот беше политички мотивиран. Обвиненијата против повеќето други обвинети веќе се повлечени, па се надевам дека истото ќе важи и за мене“, рече Ернандес, повторувајќи дека е невин.
Во Хондурас го чекаат нови судски постапки
Иако е помилуван во САД, Ернандес и натаму се соочува со обвиненија во Хондурас за измама и перење пари, на кои американското помилување не се однесува. Правните експерти во земјата се поделени околу тоа дали обвиненијата ќе бидат отфрлени, особено по неодамнешното повлекување на обвиненијата против поранешниот претседател Порфирио Лобо и поранешниот министер за финансии Вилфредо Серато, кои беа опфатени со истиот корупциски предмет познат како „Пандора II“.
Ернандес изјави дека веќе побарал укинување на налогот за апсење и очекува судската постапка да започне на почетокот на август.
Осуден во САД за шверц на кокаин
Ернандес беше претседател на Хондурас од 2014 до 2022 година. Во 2022 година беше екстрадиран во САД, каде американското Министерство за правда го обвини дека ја злоупотребил функцијата за да овозможи шверц на повеќе од 400 тони кокаин кон САД. Американските обвинители тврдеа дека Хондурас под негово водство се претворил во „нарко-држава“, при што, според обвинението, ги штител наркокартелите во замена за милионски поткупи.
Поротата во Њујорк го прогласи за виновен во 2024 година, а пред да биде помилуван од Трамп, издржа помалку од две години од затворската казна.
Политичка иднина
Ернандес не ја исклучува можноста повторно да се кандидира за јавна функција, иако нагласи дека тоа во моментов не му е приоритет. „Имаме ново раководство во партијата и сакаме да го поддржиме. Ако можеме да помогнеме, ќе помогнеме“, изјави тој.
Неговото враќање во Хондурас е планирано за недела, кога треба да слета на аеродромот Палмерола, на околу 60 километри северозападно од главниот град Тегусигалпа.