Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека ќе им нареди на американските сили да ги одложат новите напади врз Иран, наведувајќи дека сојузниците на Блискиот Исток постигнале „рамка на договор“ што би можела да стави крај на петмесечниот конфликт.
Во објава на социјалните мрежи, Трамп рече дека договорот предвидува итно и целосно отворање на Ормутскиот Теснец, како и елиминирање на иранската нуклеарна закана.
„Се согласив, за доброто на светот и за иднината на успешен и просперитетен Иран, да го откажам нападот, под услов договорот брзо да биде финализиран“, напиша Трамп. Тој додаде дека и Израел се согласил да им се приклучи на американските напори за постигнување конечен договор со Иран, кој би довел до прекин на војната.
Засега Техеран не се огласи по изјавите на американскиот претседател, ниту ги потврди наводите за постигната рамка на договор. Не е познато ниту дали официјално започнале директни преговори меѓу двете страни.
Доколку биде постигнат договор, тоа би претставувало прв значаен чекор кон деескалација на конфликтот, кој во изминатите месеци предизвика сериозни безбедносни и економски последици во регионот, вклучително и нарушувања во светските енергетски пазари.