Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека американската поморска блокада на Ормускиот теснец ќе остане во сила сè додека не биде постигнат, потврден и официјално потпишан договор со Иран.
„Двете страни мора да одвојат време и ова да го направат како што треба. Не смее да има грешки“, напиша Трамп на платформата Truth Social.
Тој додаде дека односите меѓу Вашингтон и Техеран стануваат „многу попрофесионални и попродуктивни“, но нагласи дека САД нема да брзаат со конечен договор. Во нова објава, Трамп истакна дека преговорите со Иран „се движат уредно и конструктивно“, откривајќи дека на американските претставници им порачал да не избрзуваат бидејќи „времето работи во корист на Америка“.
Иако претходно изјави дека договорот со Техеран е „главно договорен“, неговите последни пораки покажуваат дека Вашингтон сака да го задржи притисокот додека не се решат сите спорни детали.
Во меѓувреме, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека разговарал со Трамп и дека двајцата се согласиле секој иден договор со Иран целосно да ја „елиминира нуклеарната закана“. Според Нетанјаху, тоа подразбира демонтажа на иранските постројки за збогатување ураниум и отстранување на збогатениот нуклеарен материјал од територијата на Иран.
„Мојата политика, како и политиката на претседателот Трамп, останува непроменета – Иран нема да поседува нуклеарно оружје“, порача израелскиот премиер на X.
Тој додаде дека Трамп повторно го потврдил правото на Израел да се брани од закани на сите фронтови, вклучително и во Либан. Ормускиот теснец е еден од најважните светски енергетски коридори, а неговата блокада дополнително ја зголеми загриженоста за глобалните цени на енергенсите и стабилноста на светските пазари.