Трамп вети борба со секс-трговијата, но судењата паднаа на најниско ниво

Превнасочувањето на ресурсите кон масовни депортации и недостигот на кадар го забавија гонењето на криминалните мрежи во САД.

Соединетите Американски Држави бележат драматичен пад на федералните обвиненија за секс-трговија во првата половина од годинава. Иако администрацијата на Доналд Трамп ја прогласи борбата против ова кривично дело за главен приоритет, судските податоци покажуваат дека бројот на процесирани случаи е на најниско ниво од 2010 година. Пренасочувањето на агентите кон имиграциски рации и кратењето на буџетите ги оставија истрагите замрзнати.

Федералните обвинители обвинија 73 лица за секс-трговија до јуни оваа година. Тоа претставува пад од 22 отсто во споредба со просекот од првите шест месеци во изминатите три години. Податоците од судските регистри покажаа намалување и кај поврзаните дела. Обвиненијата за детска порнографија паднаа за 3 отсто, додека случаите за кршење на законот Ман, кој таргетира меѓудржавна проституција, се намалија за 18 отсто.

Падот ги одразува новите приоритети на американското Министерство за правда. Фокусот врз депортациите и кратењето на агенциските буџети резултираа со 7 проценти помалку обвиненија за сите кривични дела кои не се поврзани со имиграција.

Истрагите за секс-трговија бараат финансиско следење и градење доверба кај трауматизирани жртви. Досега десетици искусни обвинители заминаа од департманот, а голем дел од агентите на Службата за внатрешна безбедност беа пренасочени исклучиво на имиграциски задачи.

Во повеќе сојузни држави, активните предмети за секс-трговија стојат во место. Агентите што ги водат истрагите не можат да најдат слободни обвинители за да поднесат обвинение. Кога агентите се преместуваат во други градови за имиграциски акции, се прекинуваат и контактите со жртвите кои често немаат стабилен престој.

Финансиската поддршка за организациите што им помагаат на жртвите е исто така закочена. Канцеларијата за правосудни програми годишно дели околу 90 милиони долари на невладини организации за итно сместување и психолошка помош. Оваа година голем дел од тие средства беа одложени или замрзнати во рамки на кратењата на трошоците.

Дополнителен проблем е брзото губење на довербата. Додека претходно на жртвите од странство им се нудеа специјални Т-визи за легален престој за да соработуваат со обвинителството, сега соработката носи ризик. Имиграциските власти приведоа неколку жртви кои активно помагаа во истраги, со што се прекинаа започнатите кривични процеси.

е-Трн да боцка во твојот инбокс