Трагедија кај африканскиот брег: Најмалку 109 загинати мигранти, 116 се водат како исчезнати

Бродот се превртел во близина на Џибути додека пловел кон Јемен. Повеќе од 80 лица ја преживеале несреќата, а меѓу загинатите има и 15 деца.

Најмалку 109 мигранти загинаа, а 116 се водат како исчезнати откако бродот со кој патувале се превртел во близина на брегот на Џибути, мала држава во источна Африка, спроти Јемен. Информацијата ја соопшти Меѓународната организација за миграции (ИОМ), од каде што предупредија на смртоносните опасности со кои се соочуваат луѓето што се обидуваат да стигнат до Арапскиот Полуостров по морски пат.

Меѓу загинатите се 52 мажи, 42 жени и 15 деца. „Ова е страшна загуба на човечки животи“, изјави Александре Коисак, шеф на мисијата на ИОМ во Џибути, додавајќи дека тимовите на организацијата се на терен заедно со локалните власти за да обезбедат итна помош.

Повеќе од 80 лица ја преживеале несреќата

Според сведочењата на преживеаните, бродот се превртел во четвртокот навечер во близина на местото Гухере, северно од градот Обок во Џибути. Повеќе од 80 лица ја преживеале несреќата, а според податоците на ИОМ, станува збор за државјани на Етиопија.

„Оваа трагедија е силен потсетник на опасностите со кои се соочуваат мигрантите на оваа миграциска рута кога тргнуваат во потрага по подобри животни и економски можности“, порача Коисак.

Една од најопасните миграциски рути во светот

Џибути е една од главните појдовни точки за мигрантите кои се обидуваат да стигнат до Арапскиот Полуостров. Најголем дел од нив доаѓаат од Етиопија и Сомалија, а преку теснецот Баб ел Мандеб го преминуваат морскиот пат до Јемен, од каде што многумина продолжуваат кон Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати или Оман, во потрага по работа и подобри услови за живот.

Оваа рута, позната како источна миграциска рута, се смета за исклучително опасна. Според неодамнешните податоци на ИОМ, за само три недели од Етиопија во Џибути пристигнале повеќе од 20.000 мигранти.

Податоците од проектот „Исчезнати мигранти“ на ИОМ покажуваат дека во текот на 2025 година, на оваа рута загинале или исчезнале повеќе од 900 луѓе. Новата трагедија повторно ги истакнува ризиците со кои се соочуваат мигрантите што тргнуваат на опасни морски патувања во надеж за побезбеден живот и подобра иднина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс