Македонскиот народен театар се приклучува кон хуманитарната иницијатива „Театрите за СОС Детско село“, која се реализира по повод 25-годишнината од СОС Детско село, под мотото „Сцената што менува животи“.
На 19 мај, на малата сцена во МНТ, ќе биде изведена претставата „Торонто експрес“, работена според мотивите од збирката есеи „Тибам Штркот“ од Зоран Спасов-Ѕоф, во режија на Јордан Симонов. Секој купен билет за претставата претставува директна поддршка за децата и младите за кои се грижи СОС Детско село.
Во претставата настапува првенецот на МНТ, Александар Микиќ, кој со својот препознатлив сценски израз, хумор и емотивност ја носи приказната пред публиката. „Торонто експрес“ е дел од актуелниот репертоар на МНТ и овојпат ќе има и хуманитарна димензија.
Од МНТ порачуваат дека оваа изведба не е само театарска вечер, туку и чин на солидарност и заедништво. Публиката, со своето присуство, ќе ја поддржи уметноста, но и иницијативата што создава грижа, сигурност и подобра иднина за децата и младите на кои им е потребна поддршка.
Билетите се достапни онлајн преку веб-страницата на МНТ, како и на билетарницата на театарот.