Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) предупредува дека климатските промени и сè подолгите топлотни бранови создаваат услови за побрзо ширење на заразни болести низ Европа. Според експертите, повисоките температури влијаат врз размножувањето на бактерии, комарци и крлежи, што претставува сè поголем ризик за јавното здравје.
Една од најчестите летни опасности се болестите што се пренесуваат преку храна. Топлото и влажно време овозможува побрзо размножување на бактериите, дури и кога храната не покажува видливи знаци на расипување. Затоа се препорачува добро миење на овошјето и зеленчукот, правилно чување на храната и доволна термичка обработка.
Во исто време, комарците сè почесто пренесуваат заболувања како западнонилска треска, денга и чикунгуња. Оваа година случаи на западнонилски вирус се регистрирани во неколку европски земји, меѓу кои и Северна Македонија. Експертите советуваат употреба на средства против комарци, носење заштитна облека и отстранување на застоена вода околу домовите.
Крлежите остануваат уште една сериозна закана во текот на летото, бидејќи можат да пренесат Лајмска болест и крлежен енцефалитис. По престој во природа се препорачува внимателен преглед на телото и брзо отстранување на евентуално закачените крлежи.
ECDC предупредува и на зголемен ризик од инфекции предизвикани од бактеријата Vibrio, која се развива во потопли морски води. За да се намали опасноста од зараза, се советува лицата со отворени рани да избегнуваат капење во ризични подрачја, а морските плодови секогаш да бидат добро термички обработени.