Романот „Тони“ на македонската писателка Румена Бужаровска ќе биде објавен од престижната француска издавачка куќа „Галимар“, што претставува уште еден значаен меѓународен успех за авторката. Делото, кое на македонски јазик досега има четири изданија, беше неодамна претставено пред 475 француски книжари во рамки на специјална промоција организирана од „Галимар“. Француското издание е најавено за 3 септември, а преводот го потпишува Клое Бијон.
Со ова, „Тони“ станува трето дело на Бужаровска објавено од „Галимар“, по збирките раскази „Мојот маж“ (2022) и „Не одам никаде“ (2025), што дополнително го потврдува континуираниот интерес на француската издавачка сцена за нејзиното творештво. По објавувањето во Македонија во декември 2024 година, романот брзо го привлече вниманието и на регионалната публика. Во 2025 година беше издаден во Србија, Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина, а во мај годинава доби и шпанско издание преку „Едиторијал импедимента“ од Мадрид.
Според најавите, во следниот период „Тони“ ќе биде објавен и во Португалија, САД, Грција и Албанија, со што се продолжува неговиот меѓународен пат и растечкиот интерес за делото. Овој успех претставува уште една потврда за афирмацијата на современата македонска книжевност на светската сцена и за позицијата на Румена Бужаровска како една од најпреведуваните авторки од регионот.