Секојдневно, милиони уреди електронски отпад како телефони, компјутери, фрижидери и телевизори се фрлаат бидејќи се расипале или станале застарени. Овие отфрлени апарати создаваат таканаречен е-отпад – една од најбрзо растечките категории на цврст отпад во светот.
Само во 2022 година, глобално биле созддени околу 62 милиони тони електронски отпад, но помалку од една четвртина бил формално рециклиран. Поголемиот дел завршил на депонии, во неформални центри за рециклирање или се извезува илегално во земји со ниски и средни приходи.
Кога електонскиот отпад не се третира правилно, ослободува над 1000 опасни хемикалии, меѓу кои и олово, жива и диоксини – супстанции што се директна закана за здравјето на луѓето, особено за децата и бремените жени. Во неформалниот сектор, каде рециклирањето често се врши преку палење, киселинско чистење или рачно расклопување, милиони луѓе – вклучително и деца работници – се изложени на овие токсични материи.

Зошто децата се најзагрозени?
Според Меѓународната организација на трудот (ILO), во 2020 година 16,5 милиони деца работеле во индустрискиот сектор, дел и во рециклирање отпад. Нивните мали раце често се сметаат за „практични“ за расклопување на мали уреди, но изложеноста на хемикалии како олово може сериозно да влијае врз нивниот раст и развој. Токсините лесно навлегуваат во детскиот организам и можат да предизвикаат: предвремено раѓање и мртвороденчиња кај бремените жени, нарушувања во невроразвојот, учењето и однесувањето како и намалена функција на белите дробови и зголемен ризик од астма и потенцијално неповратни штети на централниот нервен систем
Особено опасни се практиките како палење на кабли, киселинско миење на метали, и рачно расклопување на е-уреди без заштита, кои ослободуваат отровни гасови и честички што остануваат во воздухот, земјата и водата – загадувајќи цели заедници.
Глобален проблем со локални последици
Поради недостиг на регулативи и соодветна инфраструктура, многу земји со ниски и средни приходи стануваат дестинации за е-отпад од развиените земји, и покрај меѓународните конвенции како што е Базелската конвенција која ги регулира прекуграничните движења на опасен отпад. Во 2019 година, измените на оваа конвенција ги забранија ваквите преноси од земјите на ОЕЦД кон други држави-членки, но илегалната трговија сè уште опстојува.

Состојба во Македонија
И Македонија се соочува со забрзан раст на количините на електрична и електронска опрема што се пушта на пазарот, при што недостасуваат точни податоци за тоа каде завршува отпадот од овие уреди. На терен, состојбата е видлива: фрижидери, телевизори и компјутерски делови често се наоѓаат покрај реки, патишта и во долови, создавајќи диви депонии.
И покрај усвоениот Закон за управување со електрична и електронска опрема од јули 2021 година, јавната свест за правилно постапување со овој тип отпад останува ниска. Од друга страна, обврските од законската регулатива се високи и бараат целосна реорганизација на системот за третман на електонски отпад.
Според податоците од Министерството за животна средина, Е-отпадот е еден од најбрзо растечките текови на отпад во ЕУ, со годишна стапка од 3–5%. Во Македонија, пазарот на електронска опрема бележи брз раст, со над 4.233 тони пуштени на пазарот само во првото полугодие на 2022 година – и тоа од регистрирани производители. Нерегистрираните производители дополнително го зголемуваат овој обем, но нивните податоци не се достапни.
Националната Програма за управување со отпад предвидува постепено зголемување на процентот на собирање на Е-отпад, од 25% во 2022 на 50% до 2027 година. За споредба, ЕУ постави цел уште во 2019 година да се рециклира 65% од просечната тежина на електричната и електронска опрема пуштена на пазарот.
Македонија стои пред предизвик: да изгради функционален систем за ефикасно собирање, рециклирање и третман на Е-отпадот. Тоа не е само еколошко прашање, туку и тест за спроведување на законите, градење институции и подигнување на граѓанската свест.

Што може да се направи глобално?
Светската здравствена организација (СЗО), заедно со партнери како УНИЦЕФ и PAHO, презема активности за заштита на децата од опасностите од е-отпад. Иницијативата за електронски отпад и детско здравје спроведува пилот-проекти во Латинска Америка и Африка, развива обуки за здравствени работници, следи изложеност и подига јавна свест.
За поефикасна заштита, потребни се: Национални закони за управување со е-отпад, мониторинг на неформалните рециклирачки центри, заштита на ранливите групи, особено децата, елиминирање на детскиот труд во секторот и едукација на здравствени работници и родители.
Електронскиот отпад е глобален проблем со сериозни последици по здравјето – особено кај најмладите. Иако технологијата постојано напредува, начините на нејзино отфрлање и рециклирање мора да бидат безбедни, етички и во согласност со меѓународните стандарди. Заштитата на децата од токсичниот товар на дигиталното доба е одговорност на сите – од поединци, преку влади, до глобални организации.
Извори- СЗO, МЖСПП