На 28 август 1963 година, пред Меморијалот на Линколн во Вашингтон, Мартин Лутер Кинг Помладиот излегол пред околу 250.000 луѓе. Денот бил долг и жежок, а програмата била исполнета со политичари, активисти и музички настапи. Кинг требало да зборува само неколку минути. Наместо тоа, одржал говор кој подоцна останал запаметен како еден од најважните во американската историја.
Маршот во Вашингтон за работни места и слобода бил организиран во период кога Конгресот сè уште го одложувал Законот за граѓански права, поддржан од претседателот Џон Кенеди. Илјадници луѓе пристигнале во главниот град со јасна порака дека расната дискриминација и нееднаквоста повеќе не смеат да се толерираат.
Во пресрет на маршот, Кинг работел на говорот со своите најблиски соработници. Текстот што бил подготвен и поделен меѓу новинарите бил силно политички. Во него тој зборувал за ветувањето дадено со американскиот Устав и Декларацијата за независност, ветување дека сите луѓе имаат еднакви права, но кое за црните Американци останало неисполнето.
Кинг тоа го објаснил преку сликата на чек што државата им го издала на своите граѓани, но никогаш не им го исплатила на оние со црна боја на кожата. Во подготвената верзија, сепак, не се појавувала ниту една реченица со која говорот подоцна станал препознатлив: „I have a dream“ – „Имам сон“.
„Кажи им за сонот, Мартин“
Непосредно пред Кинг да се појави пред масата, на бината настапила Махалија Џексон, една од најголемите госпел-пејачки во Америка и негова долгогодишна пријателка. Таа и Кинг се познавале уште од бојкотот на автобусите во Монтгомери во 1956 година. Џексон често пеела на собирите на кои тој зборувал, а добро го познавала неговиот стил и неговите претходни проповеди. Таа знаела дека Кинг и порано го користел мотивот за сонот, особено кога зборувал пред верници и активисти.
Кога тој стигнал до средината на подготвениот текст и кажал дека црните Американци „нема да бидат задоволни додека правдата не потече како вода и праведноста како силен поток“, Џексон од местото зад него извикала: „Кажи им за сонот, Мартин!“
Кинг накратко застанал, а потоа ги оттурнал белешките. Од тој момент, говорот престанал да биде само внимателно подготвено политичко обраќање. Се претворил во проповед, повик и визија за Америка каква што тогаш сè уште не постоела.
„Имам сон дека еден ден оваа нација ќе стане и ќе го живее вистинското значење на своето верување дека сите луѓе се создадени еднакви“, кажал Кинг, додека толпата реагирала со аплаузи и извици.
Потоа ја изговорил и една од своите најлични реченици:
„Имам сон дека моите четири мали деца еден ден ќе живеат во нација во која нема да бидат судени според бојата на нивната кожа, туку според содржината на нивниот карактер.“
Говор што не бил целосно напишан
Кинг имал 34 години кога застанал на скалите на Меморијалот на Линколн. Говорот, кој требало да трае кратко, на крај траел околу 17 минути. Неговиот најпознат дел не бил прочитан од лист, туку бил изговорен во моментот, поттикнат од гласот на Махалија Џексон. Токму затоа „I Have a Dream“ не звучел како формален политички текст. Во него имало ритам на црковна проповед, библиски слики, јазик на протест и надеж. Кинг не зборувал само за законите што требало да се сменат, туку и за тоа како би требало да изгледа едно поинакво општество.
„Нека слободата ѕвони“, повторувал тој, набројувајќи американски држави и планини, додека говорот се движел кон својот најсилен крај.
Само една година подоцна, во 1964 година, бил усвоен Законот за граѓански права, а Кинг ја добил Нобеловата награда за мир. Во 1968 година бил убиен во Мемфис, на 39-годишна возраст. Од тие 17 минути останал говор што влегол во историјата, но и приказната за Махалија Џексон, жената која, со една реченица кажана од зад сцената, го потсетила Кинг на зборовите што требало да ги изговори пред цела Америка.