TikTok ја менува најважната функција: Коментарите добиваат гласовни пораки, анкети и до 9 фотографии


Коментарите на TikTok добиваат голема промена. Платформата воведува гласовни коментари, анкети и можност за споделување до девет фотографии во еден коментар, а дополнително ја проширува поддршката за Live Photos. Новите функции треба да го направат разговорот под видеата поинтерактивен и визуелен.

Наместо да пишувате – оставете гласовна порака

Една од најинтересните новини се гласовните коментари. Корисниците ќе можат директно во полето за коментари да ја изберат иконата со микрофон и да снимат аудиопорака во траење до 60 секунди. Откако ќе биде објавена, другите корисници ќе можат да ја притиснат и да ја слушнат.

Според TikTok, функцијата во текот на следниот месец треба постепено да стане достапна на глобално ниво за корисници постари од 18 години. Компанијата објаснува дека звукот и музиката се дел од платформата уште од нејзините почетоци, па гласовните коментари се природно продолжение на начинот на кој корисниците комуницираат.

Коментарите стануваат анкети

Друга новина се анкетите во коментарите. Креаторите ќе можат директно под своите видеа да постават прашање и да им понудат на следбениците до пет можни одговори. Тие ќе можат да го определат и периодот во кој ќе трае гласањето, а резултатите ќе ги следат во текот на пристигнувањето на гласовите.

На овој начин коментарите повеќе нема да бидат само простор за реакции, туку и алатка за директно вклучување на публиката во содржината.

Во еден коментар ќе може да се објават девет фотографии

TikTok ја проширува и можноста за споделување фотографии во коментарите. Со новите фото-карусели, корисниците ќе можат да објават до девет фотографии во еден коментар. Идејата е наместо еден кадар да можат да споделат цела серија фотографии поврзани со моментот, настанот или видеото на кое реагираат.

Функцијата во текот на следниот месец треба да стане достапна ширум светот.

Пристигнуваат и Live Photos

Новина се и коментарите со Live Photos. Корисниците ќе можат директно од галеријата да прикачат фотографии снимени во формат Live Photo, со што статичната фотографија добива краток момент на движење. Според TikTok, оваа функција веќе е достапна глобално.

1,7 милијарди коментари секој ден

Обемот на коментарите покажува зошто TikTok вложува токму во оваа функција. Според податоците што ги објавува компанијата, корисниците на платформата секојдневно објавуваат повеќе од 1,7 милијарди коментари.

Со новите функции TikTok очигледно сака коментарите да ги претвори во поактивен дел од самата содржина – место каде што корисниците не само што ќе пишуваат реакција, туку ќе можат да зборуваат, гласаат и да споделуваат повеќе фотографии.

е-Трн да боцка во твојот инбокс