Грчката пијанистка Теодосија Нтоку и италијанскиот виолончелист Масимо Полидори вечерва ќе настапат во црквата „Света Софија“, во рамките на музичката програма на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“.
Концертот, најавен како „Грчка вечер“, започнува во 21 часот и носи програма составена од романтични минијатури, словенски танци и музика обележана со ритамот на тангото.
Пијанистка која не се плаши од ризик
Теодосија Нтоку е една од најистакнатите грчки пијанистки на меѓународната сцена. Списанието „Би-би-си мјузик“ ја опишува како изведувач со драматични квалитети, емотивна суптилност и силно сценско присуство.
Нејзината кариера добива значаен поттик од легендарната аргентинска пијанистка Марта Аргерич, со која Нтоку сними албум со дела од Бетовен за „Ворнер класикс“.
Критиката особено ги истакнува слободата и подготвеноста на Нтоку да презема интерпретативни ризици. Како камерен музичар соработувала со познати имиња како Максим Венгеров, Стивен Исерлис, Гил Шахам, Миша Мајски и Даниел Хоуп.
Нтоку е и основач и уметнички директор на концертната серија „China Music Series“, замислена како простор за културна размена преку врвни изведби на класична музика.
Виолончелистот на „Ла Скала“
Масимо Полидори е водач на групата виолончела во оркестарот на миланската „Ла Скала“. На оваа позиција бил избран на 30-годишна возраст, откако неговите квалитети ги препознал тогашниот музички директор на оркестарот, Рикардо Мути.
Полидори е основач на триото „Јоханес“ и на Гудачкиот квартет на „Ла Скала“. Со овие ансамбли настапувал и во „Карнеги хол“, а меѓу признанијата што ги освоиле се наградата „Осака“, „Премио Трио“ во Трст и наградата на Асоцијацијата на музичките критичари на Аргентина.
Пред ангажманот во „Ла Скала“, пет години бил прв виолончелист на „Камерата Берн“. Со овој оркестар настапувал низ светот и снимал за издавачки куќи како „Филипс“, „Дека“, „Берлин класикс“ и ECM.
Како солист настапувал со Симфонискиот оркестар во Питсбург, оркестарот „Керубини“, Филхармонискиот оркестар на „Ла Скала“ и Оркестарот од Падова.
Од Рахмањинов до Пјацола
Вечерашната програма ќе започне со „Тука е прекрасно!“ и „Не пеј, убавице“ од Сергеј Рахмањинов. Ќе следуваат два „Словенски танци“ од Антонин Дворжак и популарниот „Поздрав на љубовта“ од Едвард Елгар.
На програмата се и „Октомври“ од циклусот „Годишните времиња“ на Петар Илич Чајковски, како и „Сицилијана“ и „Елегија“ од Габриел Форе.
Значаен дел од концертот му е посветен на Астор Пјацола. Публиката ќе ги слушне неговите „Обливион“, „Либертанго“ и „Le Grand Tango“, со што вечерта ќе заврши во енергичниот и препознатлив свет на аргентинското ново танго.
Концертот ќе се одржи вечерва, 7 август, од 21 часот во црквата „Света Софија“. Цената на билетот е 600 денари.
Извор: НУ „Охридско лето“.