Телефонот станува лична карта, ЕУ сака дигитален идентитет

Замислете да излезете од дома без паричник полн со документи, а во телефонот да ги имате личната карта, возачката дозвола, дипломата, здравствените документи, па дури и податоци потребни за отворање банкарска сметка.

Токму кон ваков систем се движи Европската унија.

Европскиот дигитален идентитет – EUDI Wallet, односно дигитален паричник за идентитет, треба да стане достапен во сите земји членки до крајот на 2026 година. Станува збор за бесплатна апликација преку која граѓаните ќе можат да го докажуваат својот идентитет, да чуваат дигитални документи и да пристапуваат до јавни и приватни услуги.

Дигиталниот паричник е замислен како безбедно место во мобилниот телефон каде корисникот ќе може да ги чува и споделува своите дигитални документи.

Меѓу можните употреби се:

-дигитална лична карта;
-возачка дозвола;
-дипломи и образовни квалификации;
-документи поврзани со здравствено осигурување;
-документи потребни за работа или престој;
-електронски потписи;
-податоци потребни за банкарски услуги.

Системот треба да функционира и преку границите, па европскиот дигитален идентитет би овозможил полесно докажување на идентитетот, квалификациите или правото на престој и работа во друга земја членка.

Една од клучните идеи зад системот е селективното споделување на податоци.

На пример, ако некоја онлајн услуга треба само да провери дали сте полнолетни, наместо да го добие вашиот датум на раѓање, име и други податоци, може да добие само потврда дека имате повеќе од 18 години.

Европската комисија наведува дека корисникот треба да има поголема контрола врз тоа кои информации ги споделува и со кого.

Иако ЕУ го претставува дигиталниот паричник како алатка за поголема безбедност и контрола над личните податоци, дел од организациите за дигитални права предупредуваат дека токму приватноста ќе биде еден од најголемите тестови.

Euronews известува дека дел од експертите и организациите за дигитални права стравуваат дека недоволно добро поставените заштитни механизми би можеле да создадат можности за следење на корисниците. Дополнителни прашања се отвораат и околу употребата на препознавање лице и начинот на кој ќе се спроведуваат проверките на идентитетот.

Затоа ЕУ паралелно работи и на сертификација и заеднички безбедносни стандарди за дигиталните паричници. ENISA, европската агенција за сајбер-безбедност, има задача да им помогне на земјите членки во воспоставувањето национални системи за сертификација.

Каде е Македонија?

Иако Северна Македонија не е членка на ЕУ, дигиталниот идентитет веќе е дел од процесот на усогласување со европските правила.

Измените на Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги беа усвоени во 2025 година, а Европската комисија оцени дека со тоа е постигнато доволно усогласување со европската регулатива за дигитален идентитет за потребите на соодветниот чекор од реформската агенда.

Во македонската реформска агенда е предвидено и воведување дигитален паричник за јавни е-услуги, со пилотирање и најмалку 10 јавни електронски услуги до декември 2026 година. Целосното учество во европскиот ID Wallet е предвидено за декември 2027 година.

Тоа значи дека дигиталниот идентитет постепено станува дел и од дигиталната трансформација на јавните услуги во земјава.

Дали физичките документи ќе исчезнат?

Европскиот дигитален паричник е замислен како доброволна алтернатива, а не како замена со која физичките документи веднаш ќе станат неважечки. Корисниците ќе можат да одлучат дали сакаат да го користат.

ЕУ, сепак, очекува неговата употреба да се проширува бидејќи сè повеќе услуги се префрлаат онлајн.

До крајот на 2026 година сите земји членки треба да обезбедат најмалку еден сертифициран дигитален паричник. Но, темпото на воведување веќе значително се разликува. Италија, на пример, има милиони корисници, додека дел од другите земји го одложуваат или сè уште го подготвуваат системот.

Идејата е едноставна: еден телефон, еден дигитален идентитет и многу помалку документи. Прашањето што останува е колку лесно ќе функционира системот – и колку сигурно ќе може да ги заштити податоците на граѓаните.

е-Трн да боцка во твојот инбокс