Свадбената прослава на Тејлор Свифт и Тревис Келси почнува да добива форма, но спротивно на дел од медиумските шпекулации, во Медисон Сквер Гарден не се гради замок.
Извори за списанието „People“ велат дека култната њујоршка арена изгледа „трансформирано“, но дека станува збор за свечено уредување, а не за изградба на сценографија во форма на замок.
„Не е замок, но изгледа многу посебно. Има цвеќе, теписи и крошни, и изгледа како место каде што би се венчале. Сцената е поставена, но сè е посебно“, изјавил извор за „People“.
Друг извор додал дека персоналот работел цела ноќ за да го подготви просторот за претстојниот настан.
Камиони, декорации и црвен тепих пред арената
Во понеделникот пред Медисон Сквер Гарден биле забележани неколку камиони со работници кои внесувале опрема, цвеќе, теписи и други декорации во објектот.
На една од поголемите црни кутии со опрема било напишано „Disco ball“. Следниот ден, работници биле видени како поставуваат црвен тепих во арената, додека скалите што водат до јужниот влез биле покриени со црвен кадифен тепих.
Според објави во американските медиуми, тепихот подоцна бил отстранет, но подготовките продолжиле.
Се очекува интимен собир, па поголема прослава
Претходно во јуни, „Њујорк тајмс“ објави дека пејачката ја изнајмила арената за повеќедневен настан.
Претставник на Градскиот совет подоцна потврдил за „People“ дека барaње за дозвола е поднесено за улични активности и затворање на дел од областа околу Медисон Сквер Гарден.
Според медиумските извештаи, плановите на Келси и Свифт наводно вклучуваат помал собир од околу 100 луѓе на 2 јули, по што би следела поголема прослава со приближно 1.000 гости на 3 јули.
Формален дрес-код и забрана за телефони
Иако многу детали за претстојната свадба на Свифт и Келси сè уште не се познати, повеќе извори за „People“ потврдиле дека дрес-кодот за забавата во Њујорк ќе биде формален.
Упатени лица, исто така, споделиле дека гостите ќе треба да се придржуваат до строга политика без мобилни телефони.
„На гостите им било кажано дека по пристигнувањето ќе биде организирана проверка и отстранување на телефонот“, изјавил извор.
Се очекуваат и познати гости
Според градските дозволи, на прославата се очекува да присуствуваат меѓу 500 и 999 луѓе.
Дел од ѕвездите, меѓу кои Џорџ Кити, Енди Рајд, Грем Нортон и Суки Вотерхаус, отворено потврдиле дека ќе присуствуваат на прославата.
Други познати личности што, според медиумските најави, се очекува да бидат меѓу гостите се Ед Ширан, Зои Кравиц, Џек Антоноф и Стиви Никс.