Драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ започнува вечерва со премиерната изведба на претставата „Татко“ од францускиот драмски автор Флоријан Зелер. Претставата ќе се одигра во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, со почеток во 21 часот.
„Татко“ е во режија на македонскиот режисер Иван Поповски, а продукцијата е на „Театарот на еден актер“, продолжение на продукцијата „Театар и филм – БМ“, основана во 2001 година од Бајруш Мјаку.
Со овој проект, Поповски и Мјаку повторно се обединуваат на сцената по 25 години, по нивната успешна соработка на претставата „Дневникот на лудиот“ во 2001 година.
Покрај Бајруш Мјаку, во актерската екипа настапуваат Амернис Нокшиќ, Фисник Зеќири, Сабина Мемиши Асланај, Мелика Кастрати и Флакрон Алији. Сценографијата ја потпишува Енес Деари, а костимографијата е на Изет Цури.
Со ликот на таткото, Бајруш Мјаку ја заокружува својата 53 годишна театарска кариера, која вклучува бројни значајни улоги и проекти реализирани во соработка со домашни и меѓународни театри.
Режисерот Иван Поповски е еден од најпознатите македонски театарски режисери со меѓународна кариера. Веќе повеќе од две децении живее и работи во Москва, каде дипломирал на Државниот институт за театарска уметност ГИТИС, во класата на легендарниот руски режисер Пјотр Фоменко.
Уште како студент, Поповски се наметнал на руската театарска сцена со претставата „Авантура“, која во сезоната 1991/92 ја добила наградата „Врв на сезоната“ за најдобра претстава во Москва.