„Тарзан“ премиерно во Театар Комедија

Театар Комедија ја најавува новата премиера на црната комедија „Тарзан,“ адаптирана од истоимениот драмски текст на познатиот словенечки автор Рок Вилчник. Под режисерската палка на Александар Јовановски, претставата ќе ја донесе приказната за познатиот дивјак Тарзан, прикажувајќи го низ призма на современи општествени и љубовни дилеми.

Во срцето на оваа драмска комедија е кризниот брачен живот на Тарзан и Џејн, кои живеат во џунглата и се борат со здодевноста и предизвиците на нивното едноставно опкружување. Џејн, досадена од едноличноста, почнува да бара промени, додека Тарзан, иако сака да ја задоволи, останува приврзан кон природните вредности. Работите дополнително се усложнуваат со појавата на хиената Мајк, карактер со особини на урбан заводник кој ја навраќа Џејн кон луксузниот живот. Настанува љубовен триаголник што ги отвора вечните прашања за конфликтот меѓу инстинктот и разумот, повикувајќи на преиспитување на материјалистичкиот животен стил.

Драмскиот текст на Вилчник е препознатлив по лесниот и забавен дијалог, кој постепено се развива во остра социјална критика, користејќи ги комичните ситуации за разоткривање на нашата зависност од материјалното и површинското.

Премиерата на „Тарзан“ е закажана за 2 ноември 2024, во 20 часот во Театар Комедија.

Екипа

  • Режија: Александар Јовановски
  • Превод од словенечки: Винсент Вилчник и Зорица Манаскова Станковиќ
  • Костимографија: Марија Ѓоргиевска
  • Сценографија: Милан Несторов
  • Музика: Лука Тошев
  • Инспициент: Нурјамет Рушити

Улоги

  • Тарзан – Едмонд Сотир
  • Џејн – Ева Скендеровска
  • Хиената Мајк – Столе Мицов

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни