Пејачката Тамара Тодевска денеска во 12 часот во просториите на Аудиокултура во Скопје ќе одржи промотивно слушање на винилното издание на својот нов визуелен албум „Кукла жива“. Настанот е замислен како интимна средба со соработниците и претставниците на медиумите, каде што материјалот за првпат ќе се чуе директно од грамофонска плоча.
Промоцијата на албумот „Кукла жива“ се сели на класичен аналоген носач на звук. Во аудиофилскиот простор во населбата Тафталиџе, публиката и гостите ќе можат да ги слушнат песните преку врвен звучен систем, со фокус на деталите што ги носи винилниот запис. Албумот првично излезе како заокружен визуелен проект, а сега добива и свое физичко издание за љубителите на плочи.
На слушањето ќе присуствуваат авторите и соработниците кои работеа на материјалот. Меѓу нив се Коста Петров и Емин Џијан, кои имаат главен удел во текстовите, аранжманите и музичката продукција на проектот. Покрај креативниот тим, на настанот се поканети и претставници на домашната музичка сцена и новинари.