Привлечноста може да биде силна на почетокот на една врска, но сама по себе не е гаранција дека односот ќе трае.
Психологот Марк Траверс тврди дека долговечноста на врската многу повеќе зависи од тоа како партнерите реагираат во тешките моменти, отколку од почетната хемија меѓу нив.
Според него, токму секојдневните одлуки за време на расправии и несогласувања одредуваат дали врската со текот на времето ќе стане посилна или ќе почне да се нарушува.
Самоконтролата е клучна особина
Траверс смета дека една особина е поважна од сите други — самоконтролата.
Тоа е способноста човек да застане пред да реагира импулсивно, особено кога партнерот ќе го налути, повреди или разочара.
Во реалниот живот, тоа значи дека наместо навредување, повлекување, казнување со молчење или враќање со иста мера, личноста свесно избира посмирен одговор.
„Самоконтролата е еден од најсилните показатели за стабилноста на врската“, наведува Траверс за Psychology Today.
Врската ја обликуваат малите секојдневни реакции
Психологот објаснува дека истражувачите оваа способност ја нарекуваат акомодација, односно заменување на деструктивната реакција со конструктивна.
Луѓето со подобра самоконтрола, според него, полесно успеваат да не возвратат со иста мера кога ќе дојде до конфликт.
„Наместо одмазднички рефлекс, избираат одговор што ѝ користи на врската, а не на сопственото его“, вели тој.
Според Траверс, една расправија најчесто не ја уништува врската сама по себе. Но, начинот на кој партнерите постојано реагираат еден на друг со текот на времето се натрупува.
Затоа малите секојдневни реакции можат да бидат поважни од почетната привлечност.
„Врската низ годините поминува низ илјадници вакви мали циклуси на провокација и одговор“, додава психологот.
Како се развива самоконтролата?
Траверс нагласува дека самоконтролата може да се развива.
Еден од начините е промена на перспективата — обид ситуацијата накратко да се погледне од страна, како набљудувач, а не само од сопствената емоционална позиција.
Според него, ваквиот пристап ги намалува агресивните реакции и им помага на партнерите поконструктивно да ги решаваат несогласувањата.
„Луѓето кои заземаат надворешна перспектива имаат помалку агресивни мисли и одговори и се однесуваат поконструктивно кон партнерот“, заклучува психологот.