Тајфунот Саудел утрово ја погоди источната кинеска провинција Џеџијанг на две локации, предизвикувајќи масовни евакуации, прекин на железничкиот и траектниот сообраќај и предупредувања за обилни врнежи. Тајфунот прво го погодил градот Тајџоу околу 8 часот по локално време, а околу еден час подоцна стигнал и до Венџоу, објавија кинеските државни медиуми.
Ова е трет тајфун што годинава ја погодува провинцијата Џеџијанг.
Над 870.000 луѓе во евакуација
Најголем број жители се евакуираат од Венџоу, каде што властите наредиле привремено напуштање на домовите за повеќе од 820.000 луѓе.
Во Тајџоу, пак, привремено е прекинат патничкиот траектен сообраќај, а за евакуација се предвидени уште околу 52.000 луѓе. Со тоа, бројот на луѓе опфатени со мерките за евакуација надминува 870.000.
Кинескиот железнички оператор China Railway Shanghai Group привремено прекинал сообраќај на дел од железничките линии во Џеџијанг, како мерка за безбедност.
Се очекуваат обилни дождови
Според кинеската новинска агенција Ксинхуа, Саудел ќе донесе силни врнежи во Џеџијанг и соседната крајбрежна провинција Фуџијан. Како што тајфунот ќе се движи кон внатрешноста на земјата, обилни врнежи се очекуваат и во провинциите Хубеи, Гуангси и Јунан.
Властите предупредуваат на можност за интензивни поројни дождови и последици од невремето во погодените подрачја.
Фуџијан прогласи вонредна состојба
Провинцијата Фуџијан уште во четвртокот прогласи вонредна состојба поради приближувањето на тајфунот. Прекинати се дел од градежните активности на проекти долж брегот, а затворени се и 57 траектни линии за патници.
Властите преземаат превентивни мерки поради опасноста од силни ветрови, високи бранови и обилни врнежи што ги носи Саудел.