Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека Европа се соочува со сериозна и растечка здравствена криза поради екстремните температури, при што од 21 јуни досега се регистрирани над 1.300 смртни случаи поврзани со топлотниот бран.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, истакна дека Европа се затоплува двојно побрзо од глобалниот просек и дека во моментов околу 150 милиони луѓе живеат во услови на екстремна топлина. Тој предупреди дека топлотниот стрес станува „тивок убиец“, особено опасен затоа што многу инфраструктури во европските земји не се прилагодени на вакви температури.
Европа под „огнено небо“: Рекордни температури и растечки ризици
Според податоците, неколку европски земји веќе бележат екстремни температурни рекорди. Во источна Германија се измерени 41,7 степени Целзиусови, додека во Чешка се регистрирани 41,1 степени – втор последователен рекорд во краток период. Полска исто така го надмина својот национален максимум со 40,5 степени Целзиусови.
Здравствените експерти предупредуваат дека ваквите топлотни бранови стануваат сè почести и поинтензивни, што дополнително го зголемува ризикот за постарите лица, хронично болните и работниците на отворено. СЗО повикува на итно усвојување и спроведување на национални акциони планови за справување со топлотни бранови, како дел од поширока стратегија за адаптација кон климатските промени.