Светот оди кон затоплување од најмалку 1,8 степени: ОН предупредуваат на сериозни последици од климатските промени

Светот се соочува со сè посериозни последици од климатските промени, а дури и во најоптимистичкото сценарио глобалното затоплување би ја надминало границата од 1,5 степени Целзиусови во однос на прединдустрискиот период и би достигнало најмалку 1,8 степени. На ова предупредува Програмата на Обединетите нации за животна средина (УНЕП), посочувајќи дека секое дополнително зголемување на температурата го засилува ризикот од екстремни временски појави, топење на глечерите и губење на екосистемите, објави „Гардијан“.

Иако надминувањето на границата од 1,5 степени се смета за тешко избегливо, експертите нагласуваат дека обемот на последиците сè уште може да се ограничи со брзо и трајно намалување на емисиите на стакленички гасови.

Загрозени се храната, водата и човечкото здравје

Според извештајот на УНЕП, затоплување до три степени Целзиусови над прединдустриското ниво би можело до 2100 година да доведе до губење на повеќе од една четвртина од масата на глечерите, како и до пораст на нивото на морето до 13 сантиметри.

Последиците би можеле да се почувствуваат и во производството на храна. Без ефикасни стратегии за приспособување кон климатските промени, глобалното производство на храна би можело да се намали за дури 14 проценти до 2050 година. Дополнително, би биле загрозени човечкото здравје, снабдувањето со вода, инфраструктурата и економијата, а некои заедници би можеле да бидат принудени да ги напуштат своите домови или да го променат начинот на живот.

Дел од загубите во природата би можеле да бидат неповратни, предупредуваат експертите.

Емисиите мора да се намалат за половина до 2035 година

Според извештајот на УНЕП, ограничувањето на затоплувањето на околу 1,8 степени би барало глобалните емисии да се намалат за половина до 2035 година. Сепак, сегашните национални политики би можеле да го доведат светот до затоплување од најмалку 2,3 степени.

Авторите на извештајот наведуваат дека враќањето на просечната глобална температура на 1,5 степени во текот на овој век би било можно само доколку затоплувањето не надмине околу 1,8 степени. За тоа е потребно брзо и трајно намалување на емисиите, но и отстранување на јаглеродниот диоксид од атмосферата, меѓу другото преку обновување на шумите.

Сепак, отстранувањето на јаглеродниот диоксид не може да биде замена за намалувањето на загадувањето предизвикано од согорувањето фосилни горива. Постигнувањето нето-нула емисии останува клучно, паралелно со инвестициите во приспособувањето кон климатските промени и заштитата на инфраструктурата и изворите на приходи на населението.

Извршната директорка на УНЕП, Ингер Андерсен, предупреди дека екстремните топлотни бранови, сушите и пожарите веќе покажуваат колку брзо може да се влошат последиците од климатските промени. Според неа, секое избегнато зголемување на температурата и секоја спроведена мерка за приспособување можат да помогнат во спасувањето животи и намалувањето на економските загуби.

Пацифичките држави бараат поконкретни меѓународни обврски

На министерските климатски преговори на Фиџи учествувале претставници на повеќе од 50 земји, објави „Ројтерс“. Меѓу главните приоритети на пацифичките држави се подобриот пристап до климатско финансирање, заштитата на океаните и почитувањето на целта за ограничување на затоплувањето на 1,5 степени Целзиусови.

Министерката за климатски прашања на Фиџи, Лајнда Табуја, предупреди дека жителите на пацифичкиот регион веќе ги чувствуваат последиците. Порастот на нивото на морето ги загрозува нивните домови, коралните гребени пропаѓаат, а некои села веќе биле принудени да се преселат.

Пред министерските преговори, претставници на околу 30 земји се собрале на Фиџи по посетата на островската држава Тувалу и усвоиле декларација со повик за длабоко, брзо и трајно намалување на емисиите. За време на посетата, делегациите ги виделе и работите на создавање ново земјиште, кое би можело да биде поотпорно на порастот на нивото на морето.

Австралискиот министер за климатски прашања, Крис Боуен, ја истакнал важноста на пацифичкиот регион во меѓународните климатски преговори, потсетувајќи на улогата на овие држави во усвојувањето на целта од 1,5 степени на конференцијата во Париз во 2015 година.

Турскиот министер за животна средина, Мурат Курум, кој ќе претседава со конференцијата КОП31 во Анталија, порача дека ограничувањето на затоплувањето е заедничка цел на претстојниот самит.

Порастот на нивото на морето е долгорочна закана

Последиците од климатските промени ќе продолжат да ги загрозуваат пацифичките држави дури и откако глобалната температура ќе го достигне својот врв. Дечен Церинг, директорка на регионалната канцеларија на УНЕП за Азија и Пацификот, предупреди дека секој дополнителен период од 100 години во кој затоплувањето е над 1,5 степени би можел да доведе до околу 40 сантиметри дополнителен просечен пораст на нивото на морето до 2300 година, во споредба со сценарио во кое температурната граница не е надмината.

Таквиот развој на настаните претставува долгорочна закана за островските држави и крајбрежните заедници, чии населби, инфраструктура и извори на приходи би можеле да бидат сериозно загрозени. Затоа најранливите земји бараат конкретни обврски од меѓународната заедница и финансиска поддршка за справување со последиците.


Претстојната климатска конференција КОП31 во Турција ќе биде можност државите да разговараат за следните чекори во намалувањето на емисиите и финансирањето на климатските мерки. Иако надминувањето на границата од 1,5 степени се смета за тешко избегливо, брзината и обемот на идните активности ќе влијаат врз сериозноста на последиците за планетата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс