Сведок за „Пулс“: Пиротехниката беше поставена после полноќ, пожарот брзо се рашири

Ѓорѓиева кажа и дека таа го снимала почетокот на пожарот но дека во моментот на снимање таа и другите околу неа не мислеле дека пожарот ќе стане толку сериозен

На судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, денеска сведочеше студентката Теа Ѓорѓиева.

Таа кажа дека пиротехниката во локалот не била таму кога почнал концертот туку дека била донесена околу еден часот по полноќ и според нејзиното тврдење била наместена многу блиски и до бината но и до публиката.

Ѓорѓиева кажа и дека виралното видео од почетокот на пожарот е снимено со нејзин телефон, но дека во моментот на снимање таа и другите околу неа не мислеле дека пожарот ќе стане толку сериозен.

„Јас снимав со телефонот. Додека снимав, не го видов, после една минута забележав дека гори. Почетокот на пожарот е снимен на моето видео. Нормално, сите снимавме видеа во тие моменти… Бендот почна да пее, видовме дека почна да гори, но никој не го сфати сериозно тоа“, сведочеше Ѓорѓиева.

Таа појасни дека огнот тргнал од горниот дел на објектот, од искрите на пиротехниката.

Според нејзиниот исказ, иако членовите на бендот им кажале на присутните да излезат надвор, голем дел од публиката останал внатре. Паниката започнала кога луѓето масовно се упатиле кон излезот.

„Сфатив дека се заглавувам во гужвата… Следниот момент се сеќавам дека бев меѓу излезната и влезната врата. Знам дека бев заглавена, бев легната на земја и беспомошна. Во тој момент се обраќав за помош“, раскажа Ѓорѓиева

Дополнително, таа посочи дека почувствувала чуден, кисел мирис, а зад себе слушала звуци налик на експлозии.

Судскиот процес за „Пулс“ продолжува со изведување на докази, а пред судот ќе се повикаат и доктори од Судска медицина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни