Швајцарската полиција со децении тајно следела министри, досиеја им отворале уште во младоста

Швајцарската полиција со децении тајно следела државни функционери. Најмалку 39 министри имале досиеја, а некои биле следени уште од младоста.

Швајцарската полиција во периодот од 1930 до 1989 година тајно следела десетици државни функционери, меѓу кои најмалку 39 министри, покажуваат информации објавени по истражување на стотици илјади документи од сојузните и кантоналните полициски архиви.

Откритијата се дел од таканаречениот „скандал со тајните досиеја“, а деталите ги објави швајцарскиот неделник „ЗонтагсЦајтунг“.

Според објавените информации, досиејата за голем дел од идните функционери биле отворани уште на почетокот на нивниот политички ангажман, во период кога биле млади и сè уште не извршувале високи државни функции.

Меѓу следените била и поранешната претседателка Рут Драјфус, која била министерка од 1993 до 2002 година. Нејзиното досие било поврзано со нејзиното противење на војната во Виетнам.

Полицијата ја следела и Елизабет Коп, првата жена избрана во швајцарската влада, која ја извршувала функцијата од 1984 до 1989 година. Интересот на полицијата за неа започнал откако нејзиниот татко инвестирал поголема сума пари во бизнис во Унгарија.

Практиката на вакво тајно полициско следење била прекината во 1989 година, откако нејзиното откривање предизвикало силни реакции и незадоволство во швајцарската јавност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс