Швајцарската полиција со децении тајно следела 39 министри

Истражување на тајните досиеја откри дека полицијата ги следела државните функционери уште од нивната младост.
Фото: Flickr/Kecko

Швајцарската полиција во периодот меѓу 1930 и 1989 година тајно следела десетици државни службеници, меѓу кои и најмалку 39 министри. Овие податоци излегоа на виделина по истражувањето на стотици илјади досиеја од федералните и кантоналните архиви, објавено во неделникот „Зонтагсцајтунг“.

Според објавените информации од полициските архиви, властите најчесто ги отворале досиејата на самиот почеток од политичкиот ангажман на идното раководство. Документите покажуваат дека следењето започнувало уште во нивната младост, пред воопшто да станат дел од високата политика.

Меѓу надгледуваните лица била и поранешната претседателка Рут Драјфус, која извршувала министерска функција од 1993 до 2002 година. Нејзиното досие било отворено поради нејзиното јавно спротивставување на војната во Виетнам.

Под полициски надзор била и Елизабет Коп, првата жена министерка во Швајцарија (1984-1989). Во нејзиниот случај, следењето започнало откако нејзиниот татко инвестирал поголема сума пари во бизнис во Унгарија.

Оваа долгогодишна пракса за тајно следење и собирање податоци за граѓаните и политичарите конечно беше прекината во 1989 година. Одлуката за прекин следеше по силниот отпор и жестоките реакции во швајцарската јавност откако скандалот со тајните досиеја за првпат исплива на површина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс