Швајцарија го укинува брачниот статус „разведен“

Владата застана зад иницијативата на либералите: распадот на бракот е завршена правна работа, а не административен печат за цел живот.

Швајцарската влада ја поддржа иницијативата за бришење на брачниот статус „разведен“ од сите официјални обрасци, со што граѓаните што поминале низ бракоразводна постапка во иднина административно ќе се водат исклучиво како самци. Предлогот доаѓа од редовите на либералите во парламентот во Берн, со став дека државата нема законска потреба ниту право со децении да води евиденција за приватен настан кој веќе добил правна завршница.

Иницијативата потекнува од пратеничката на либералната Слободна демократска партија (ФДП), Надин Гобе, која побара прекин на практиката луѓето со години по завршувањето на бракот да го штиклираат своето минато пред шалтерите. Според неа, разводот претставува правен чин со конкретен епилог и неговото наведување во секојдневните формулари е непотребно навлегување во личниот живот на поединецот.

Барањето некој засекогаш да се изјаснува како разведен претставува административно овековечување на чисто приватен настан, порача Гобе образложувајќи го барањето за враќање на овие лица во општата граѓанска категорија „самец“.

Швајцарската извршна власт ја прифати аргументацијата и даде зелено светло за реформата, со што целата постапка сега се сели во швајцарскиот сојузен парламент каде што пратениците ќе треба да ги изгласаат потребните законски измени.

За разлика од повеќето европски бирократии, вклучително и македонската каде графата за брачна состојба сè уште детално ги раздвојува неоженетите од разведените граѓани, швајцарскиот модел отвора пракса на растеретување на формуларите од податоци што немаат директна даночна или правна релевантност по делбата на имотот.

Штом брачната заедница ќе престане да постои, статусот пред државните органи повторно станува едноставен, дали лицето или е во брак или не е. Доколку парламентот го усвои предлогот, швајцарските кантонални и федерални служби ќе мора комплетно да ги ревидираат своите матични регистри и електронски системи за пријава.

е-Трн да боцка во твојот инбокс