„Свадба“ освои четири Златни арени на 73. Пулски филмски фестивал

Филмот „Свадба“ на Игор Шереги освои четири Златни арени на 73. Пулски филмски фестивал, потврдувајќи го статусот на едно од најуспешните хрватски филмски остварувања.

Филмот „Свадба“, во режија на Игор Шереги, освои четири Златни арени на 73. Пулски филмски фестивал, со што уште еднаш ја потврди својата успешност и кај публиката и кај филмската критика.

Жирито на Националната програма му ја додели Златната арена за продукција, признание за најдобра споредна машка улога, награда за кастинг, како и специјална Златна арена за исклучителен придонес на актерскиот ансамбл. Продуцентите Иван Келава и Марко Јоциќ беа наградени за успешната реализација на проектот и за создавањето филм што успеа да ја освои публиката.

Актерот Роко Сикавица ја доби Златната арена за најдобра споредна машка улога за ликот Будимир, додека Линда Бегоња беше наградена со специјална Златна арена за својот придонес во актерскиот ансамбл и впечатливата интерпретација на ликот Марија. Дополнително, филмот беше пофален и за одличниот кастинг, кој успешно ги обедини искусните актери и младите таленти.

Овие признанија претставуваат круна на големиот успех што „Свадба“ го постигнува уште од почетокот на кино-дистрибуцијата. Филмот веќе е најгледаното хрватско филмско остварување на сите времиња, а за време на свеченото отворање на фестивалот беше одбележан и значајниот јубилеј од 800.000 гледачи.

Во филмот настапува богата актерска екипа составена од истакнати имиња од хрватската и регионалната сцена, а продукцијата ја потпишуваат „Eclectica“ и „Viktorija Film“. Режијата е на Игор Шереги, а зад проектот стои искусен авторски тим кој придонесе „Свадба“ да стане едно од најзабележителните филмски остварувања во регионот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс