Празнина во Законот за Судски совет искористена за незаконски именувања в.д. претседатели на судови

Празнината во законот се користи за поставување вршители на должност без временско ограничување и без критериуми.

Коалицијата „Сите за правично судење“ реагира дека Судскиот совет назначува вршители на должност претседатели на судови спротивно на Законот за судовите. Според граѓанската организација, Судскиот совет ја користи правната празнина во сопствениот закон за да именува в.д. претседатели без да бидат испочитани законските услови и без ограничување на нивниот мандат.

Од Коалицијата посочуваат дека Законот за судовите јасно предвидува кој може да го замени претседателот на судот во случај на спреченост или истек на мандатот. Според тој закон, тоа треба да биде судија од редот на судиите во истиот суд, според редоследот утврден со годишниот распоред за работа.

Наместо тоа, Судскиот совет се повикува на сопствениот Закон за Судски совет, каде што постои одредба за именување в.д. претседател, но без дефинирани критериуми и рокови.

Коалицијата „Сите за правично судење“ нагласува дека оваа празнина му овозможува на Судскиот совет да назначува раководители на судови според сопствено убедување, заобиколувајќи ги редовните процедури за избор.

Со ваквата практика се заобиколуваат законските услови за кандидат за претседател на суд, како што се потребното судиско искуство и оцена на работата, а на именуваните лица им се дава неограничен мандат.

Организацијата бара Судскиот совет да престане со практиката на именување в.д. претседатели спротивно на Законот за судовите. Тие апелираат институцијата доследно да ги почитува законските рамки и да спроведе редовни огласи за избор на претседатели на сите судови каде што позициите се празни.

е-Трн да боцка во твојот инбокс