Федерален суд во САД пресуди дека одлуката на Пентагон да ја прогласи компанијата „Антропик“, производител на системот за вештачка интелигенција „Клод“, за ризик за синџирот на снабдување била незаконска. Американската окружна судијка Рита Лин оцени дека ограничувањата што Министерството за одбрана ги вовело кон компанијата и нејзината технологија биле неосновани. Со пресудата, на одредени федерални агенции им е забрането да ја спроведуваат наредбата на претседателот Доналд Трамп со која им беше наложено да престанат да ги користат производите на „Антропик“.
„Празното повикување на националната безбедност не е неограничено право за казнување и одмазда против критичарите на власта“, навела судијката Лин во пресудата од 59 страници. Таа оценила и дека Уставот и федералните закони не дозволуваат администрацијата да изрекува сеопфатни санкции врз основа на ставовите што компанијата ги зазема кон политиките на администрацијата.
Од „Антропик“ ја поздравија одлуката.
„Остануваме фокусирани на продуктивна соработка со владата за користење на вештачката интелигенција за националната безбедност, така што сите Американци ќе имаат корист од оваа технологија“, соопшти портпаролот на компанијата.
Како започна спорот со Пентагон?
Конфликтот меѓу „Антропик“ и американското Министерство за одбрана ескалираше откако Пентагон побара компанијата да ги отстрани одредени заштитни механизми од своите системи за вештачка интелигенција.
Главниот извршен директор на „Антропик“, Дарио Амодеи, одби да дозволи „Клод“ да биде користен за масовен надзор или за развој на автономно оружје. Потоа Трамп им нареди на американските владини агенции да престанат да ги користат „Клод“ и другите услуги на компанијата. Преговорите меѓу двете страни не успеаја, по што „Антропик“ беше прогласен за ризик за синџирот на снабдување.
Компанијата ја оспори одлуката на суд и поднесе тужби против администрацијата.
Победа, но спорот сè уште не е завршен
Најновата пресуда претставува победа за „Антропик“, но не го завршува целосно спорот со Пентагон. Компанијата сè уште се води како ризик за синџирот на снабдување до донесување одлука во вториот случај. Дури и доколку „Анропик“ ги добие и двата судски спора, Пентагон нема да биде обврзан повторно да воспостави соработка со компанијата.
И покрај конфликтот со администрацијата, „Антропик“ продолжува со брз раст. Компанијата неодамна објави рекордни приходи од 11,5 милијарди долари, што е околу 14 пати повеќе од приходите во истиот квартал една година претходно. Компанијата воедно се подготвува за можна голема иницијална јавна понуда (IPO) подоцна годинава.