Националната проценка на сајбербезбедноста во енергетскиот сектор и Методологијата за воспоставување секторски Енергетски CSIRT (Computer Security Incident Response Team – Тим за одговор на компјутерски безбедносни инциденти) се двата клучни резултата од проектот „Сајбербезбедност за отпорна дигитална иднина“, кои денеска беа претставени на настан во Скопје, организиран со поддршка на Министерството за финансии на Словачката Република, а имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
Овие документи поставуваат основа за поефикасно препознавање и управување со сајберризиците, подобра координација меѓу институциите и енергетските компании и навремено реагирање на инциденти што можат да го загрозат функционирањето на критичната енергетска инфраструктура.
На дводневниот настан „Сајбербезбедност во енергетскиот сектор: Од проценка до отпорност – Патоказ за Енергетскиот CSIRT“, кој се одржува на 2 и 3 ноември, учествуваат претставници на надлежните институции, енергетските компании и експерти за сајбербезбедност.
„Кога зборуваме за енергетска безбедност, најчесто мислиме на сигурно снабдување, стабилна мрежа и доволно производствени капацитети. Но денес, безбедноста на енергетскиот систем зависи и од заштитата на дигиталната инфраструктура преку која тој се управува. Затоа сајбербезбедноста во енергетиката е прашање што непосредно ги засега граѓаните, економијата и националната безбедност“, истакна министерката Сања Божиновска.
Таа нагласи дека изработената Методологија за воспоставување Енергетски CSIRT претставува значаен резултат од заедничката работа на институциите и УНДП, бидејќи поставува практична основа за координирано управување со сајберинциденти, навремена размена на информации и градење стручни капацитети во секторот.
„Во меѓусебно поврзан енергетски систем, секој субјект мора да знае кому да се обрати, кои информации да ги сподели и како да постапи при инцидент. Навременото предупредување и усогласениот одговор можат да го ограничат ширењето на последиците и да помогнат побрзо да се воспостави нормалното работење“, додаде Божиновска.

На значењето на системскиот пристап кон сајбербезбедноста се осврна и Гордана Клинчарова, државна секретарка во Министерството за дигитална трансформација, која ги истакна реформите во оваа област, вклучително и донесувањето на Законот за безбедност на мрежни и информациски системи и воспоставувањето на Владиниот центар за одговор на сајберинциденти (MKD-GOV-CSIRT).
„Сајбербезбедноста и дигиталната поврзаност не се повеќе само технички прашања, туку прашања на економски развој, доверба и безбедност на граѓаните. Нашата визија, како Министерство за дигитална трансформација, е јасна – дигитализацијата мора да биде безбедна, инклузивна и одговорна“, истакна Клинчарова, државен секретар во Министерството за дигитална трансформација.
Проектот се надоврзува на долгогодишното партнерство меѓу УНДП и Министерството за финансии на Словачката Република, во чии рамки претходно беа спроведени проценки на ранливоста, развиени стандарди за сајбербезбедност и пилотирани решенија во три јавни претпријатија во Кавадарци, Гостивар и Злетовица. Стекнатите искуства сега се применуваат во енергетскиот сектор.
„За УНДП, градењето отпорност значи да им помогнеме на институциите навремено да ги препознаваат ризиците, да се подготват за можни нарушувања и ефикасно да реагираат при инциденти. Со овој проект поставуваме основа за идни инвестиции, подобри политики и посилни институционални капацитети за заштита на критичната енергетска инфраструктура“, изјави Ана Чернишова, заменичка на постојаниот претставник на УНДП.
Националната проценка на сајбербезбедноста во енергетскиот сектор обезбедува сеопфатен преглед на постојните ризици и ранливости, како и препораки за приоритетни мерки и идни инвестиции. Методологијата за воспоставување Енергетски CSIRT, пак, нуди насоки за откривање, пријавување и координирано постапување при сајберинциденти, со цел подобра подготвеност и побрз одговор на заканите.
Резултатите од проектот придонесуваат и кон спроведувањето на Националната стратегија за сајбербезбедност 2025–2028, Законот за безбедност на мрежни и информациски системи и усогласувањето со европските барања, вклучително и Директивата NIS2.
Во рамките на дводневниот настан, покрај презентацијата на резултатите и размената на меѓународни искуства, се организираат и специјализирани обуки за претставници на енергетските оператори. Првиот ден е посветен на практичната примена на барањата од NIS2, управувањето со сајберризиците и постапувањето при инциденти, додека вториот ден е предвидена симулациска вежба за проверка на координацијата, донесувањето одлуки и улогата на идниот Енергетски CSIRT.
